Во големиот салон на галеријата „Ко-Ра“, во ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ – Скопје, отворена е изложбата „Откривање на нашата природа“ со учество на Катерина Филиповска Стефановска, Розета Картова и Ивона Велковска, која е и авторка на овој проект поддржан од Министерството за култура.
Проектот е од едукативен карактер со цел не само да ги афирмира убавините на природата туку и да ја побуди свеста за влијанието и значењето на природата врз секоја единка и нејзиниот емотивен и психолошки развој.
Во контекст на овој проект, а во рамките на отворањето на изложбата, предавање одржа Тони Анев, психолог, соработник од научна област. Предавањето насловено „Престојот во природа и добросостојба на духот“, како и музичкиот настап на Тони Анев, кој е дел од истиот мултимедијален проект, побудија голем интерес кај многубројната публика од различна возраст.
Како и делата во повеќе техники, вклучувајќи ја и фотографијата како медиум, со кој Ивона Велковска, во вид на дневник ги забележи автентичните доживувања, со цел да се афирмира неодминливата убавина на планинските предели од Македонија. Додека делата на Розета Картова и Катерина Филиповска Стефановска непосредно ги акцентираа богатството и сеобилството на раскошните плодови, кои ги доловија миризбата, боите и соковите од раскошната ризница од родната почва на Македонија.
Виолета Калиќ, историчарка на уметноста, стручна соработничка за визуелни уметности, дизајн и архитектура во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, го истакна значењето на изложбата на учесниците во овој проект.
– Овој проект е поддржан во контекст на програмата што е од едукативен карактер и има цел да ги афирмира волшебните убавини на природата, но наедно да ја поттикне и свеста за нејзиното исконско значење. И пред сѐ запазување, кое има непосреден импакт и многуслојно значење врз секоја единка, која е неразделен дел, нераскинлив сегмент од тој сложен биодиверзитет. Додека запазувањето на природата во многу сфери е магична, мистична, силно инспиративна, импресивна, раскошна во сите сегменти, воспејувана во сите сфери на уметноста и човековата генеза, но никогаш докрај разоткриена во својата комплексност, а едновремено е во непосредна релација со опстојувањето на човековиот род – истакна во рамките на отворањето на овој проект Виолета Калиќ.