Преку отворен повик, речиси 150 уметнички од различно потекло, избрани од меѓународен тим експерти, сега ќе бидат дел од платформата „Секундарна архива“. Настанот не само што ќе понуди простор за славење на женските гласови туку и ќе ги издигне свеста и отворената дискусија поврзани со борбите и победите на женските уметници од регионот
Промоција на досега најголемото проширување на „Секундарната архива“ – архива посветена на жени уметници од Централна и Источна Европа – меѓу кои и за првпат 24 уметнички од Македонија, ќе се случи денеска од 17 часот, онлајн, на фејсбук-страницата на фондацијата „Катаржина Козира“, која обединува уметници и куратори од Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Албанија, Србија и од Косово, а исто така ги претставува новите гласови од најновите партнерски земји од Западен Балкан: Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Ова ново издание на „Секундарната архива“ е овозможено преку соработката на десет меѓународни партнери, меѓу кои и организацијата „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ) од Скопје, дополнително зајакнувајќи ја мисијата на платформата да ги нагласи женските гласови низ целиот регион.
Уметнички од земјава што се вклучени во архивата, а кои јавно ќе се обратат по повод 8 Март се: Борка Аврамова, Кристина Божурска, Жанета Вангели, Гордана Вренцоска, Искра Димитрова, Зорица Зафировска, Христина Иваноска, Билјана Исијанин, Јана Јакимовска, Славица Јанешлиева, Верица Ковачевска, Шќипе Мехмети, Ивана Мирчевска, Моника Мотеска, Ирена Паскали, Александра Петрушевска Ристовска, Нада Прља, Ивана Сиџимовска, Марија Сотировска Богдановска, Дита Старова Ќерими, Слободанка Стевческа, Дијана Томиќ Радевска, Вана Урошевиќ и Валбона Фејза.
Јавниот настан ќе може да се проследи во живо на Фејсбук.
– Преку отворен повик, речиси 150 уметнички од различно потекло, избрани од меѓународен тим експерти, сега ќе бидат дел од платформата „Секундарна архива“. Настанот за промоција не само што ќе понуди простор за славење на женските гласови туку и ќе ги издигне свеста и отворената дискусија поврзани со борбите и победите на женските уметници од регионот – велат организаторите.
Списокот на говорници ги вклучува: Маја Ваврзик – заменик-извршна директорка на Вишеградскиот фонд, Катаржина Козира – фондација „Катаржина Козира“ (Полска), Адна Муслија – галерија „Манифеста“ (Босна и Херцеговина), Ана Ивановиќ – Институт за современа уметност (Црна Гора), Ивана Васева – организација „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ (Македонија), Клаудија Фагу – „Тирана арт лаб“ (Албанија, како претставничка на претходните партнерски земји од Западен Балкан), Адријана Викторија Ковалик, модераторка, координаторка на „Секундарна архива“. На говорничките ќе им се придружат уметнички од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Косово, Албанија и Чешката Република.
– „Секундарната архива“ има цел да ја претстави историјата на незападната, европска уметност – главно од Централна и Источна Европа од перспектива на уметничките, кураторките, мислителките и другите креаторки што го опфаќаат периодот по Втората светска војна, па до денес. Името е мала провокација, имајќи предвид дека тие земји отсекогаш биле разгледувани како „секундарни“ во однос на првиот свет и дека жените отсекогаш биле „вториот пол“ за да се оправда доминацијата на мажите. Целта е да се состави архива на необјавени уметнички изјави и оригинални страници на биографии и практики на уметнички, каде што може да се видат имињата на оние што биле маргинализирани, запоставени, заборавени или остануваат малку познати на јавноста покрај артефактите од клучни женски фигури на незападната уметност – се наведува во најавата за настанот.
Проектот е кофинансиран од владите на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка преку Вишеградски грантови од Меѓународниот вишеградски фонд. Мисијата на фондот е да ги унапредува идеите за одржлива регионална соработка во Централна Европа.
В.Д.