„Под земја полесно се дише“ е мултимедиумски фестивал, кој опфаќа широк дијапазон на уметности. Од музика и ликовна уметност до литература, видеопроекции, уметнички инсталации… Фестивалот нуди различни околности при консумирањето на уметноста. Локацијата е несекојдневна, просторот неконвенционален за реализација на уметнички активности, а колективот што го реализира настанот го прави тоа за своја душа, без финансиска помош од ниту еден институционален фактор. Искрената и драгоцена помош од публиката придонесува фестивалот да биде самоодржлив веќе осум изданија. Токму тоа го прави „Под земја полесно се дише“ уникатен и единствен, ни изјави Бранкица Јордановска.
Настанот е во организација на „Кула“.
– Симболиката на насловот „Под земја полесно се дише“ е контрапункт на нечистиот скопски воздух, но и на нечистиот уметнички простор, кој во моментот на создавање на фестивалот беше доминантен на македонската културна сцена. Неможноста на младите автори да ја презентираат својата уметност во институциите изградени над земја, нѐ мотивира да отвориме простор за нив под земја – дополнува Бранкица.
На ликовната програма на годинешното издание учествуваа: Душан Стефановски, Јован Јосифовски, Ана Трајковска, „Партизанска штампа“, Марко Гутиќ Мижимаков и Ника Печарина, Маркус Броунлоу, Селчук Чолакоглу, Камелија Каламеринкова, Илина Василеска, Соња Ставрова и Бранкица Јордановска, Сања Симоска, Самир Карахасан, Ертунч Сали.
На музичката програма настапија: „Дивоградба“, алтернативен звук измешан со постпанк-звукот, „Мариналеда“, панкрок-бенд од Скопје, „Перија“, музички состав што може да се класифицира како дарк-фолк или ворлд мјузик. Нивната музика е експеримент составен од музичките влијанија на членовите, кои варираат околу традиционалната музика на Балканот, макамите од Блискиот Исток, постпанкот, атоналната музика итн. И Вагабундо и Лео Енигма со Констатации за констипации (интермецо): рецитирање рими во ритам.
Откривањето на можностите за искористување на јавниот простор е тоа што ги навело да изберат уметноста да одекне под земја.
– Искористувањето на јавниот простор во градот е мала енигма за сите граѓани на Скопје. Сѐ уште не сме свесни кои се можностите и локациите за презентација на уметничка творба. Во светот, па и во блиското соседство, се креираат културни центри и креативни содржини во напуштени фабрики, стари железнички станици, распаднати објекти, но ние генерално доцниме со овие текови. И во минатото имало и во иднина ќе има обиди за активирање „зачмаени“ делови од градот, нашиот придонес во поглед на откривање на можностите е оваа гаража – изјавуваат од „Кула“. С.Ј.