Фото: Нова Македонија

На денешната прес-конференција беа претставени сите детали, како и целокупната музичка и културно-уметничка програма, изведувачите и саатницата на годинашниов Вевчански карневал, што ќе се одржи на 12, 13 и 14 јануари. На пресот присуствуваа и градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски, како и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Како домаќин на оваа карневалска фешта, градоначалникот на Вевчани говореше за традицијата, функцијата, целиходноста и содржините на Вевчанскот карневал, за кој рече дека е една голема манифестација пред се од забавен, но и од општествено-политички карактер. Преку маските, игрите, движењата и однесувањето на василичарите се исмеваат негативните појави и аномалии во општеството во годината која изминала.

Кочовски спомена дена општина Вевчани и сите вевчанци се во целост подготвени за годинашново карневалско издание, кое има свое место и во Светската асоцијација на карневали.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков го потенцираше значењето на Вевчанскиот карневал од неколку аспекти: многувековната традиција уште од паганскиот период па се до денес, општественото значење како своевидна критика на денешните девијации во општеството и како културно-уметничка манифестација од забавен и музички карактер. Тој нагласи дека карневалот е и туристичка атракција, која го промовира не само Вевчани, туку и Охридско-струшкиот регион и Македонија воопшто, на светската мапа на туризмот.

Антонио Димитриевски, водителот на годинашната манифестација, објави дека музичката програма ќе се одвива во две вечери. Првата вечер, на 12 јануари, недела,на сцената во Вевчани ќе настапат македонскиот трапер, охриѓанецот Пајак, поп-рок групата „Ареа“, а вечерта ќе ја затвори познатата босанскагрупа „Забрањено пушење“.Втората карневалска вечер, на 13 јануари, понеделник, во музичкиот дел ќе ја отвори етно-поп група „Љубојна“, ќе настапи и Наум Петрески, а програмата ќе продолжи со „Оркестарот со зурли и тапани Вевчани“. Вечерта ќе ја затворат Перо Бели и Коки – Биоритам.

Организаторите и годинава ветуваат уникатно доживување со многу забава, музика, смеа, игра, оригинални маски, вевчански дух и неизмерно гостопримство, за сите што ќе дојдат на карневалот. Ма.Т