Во Македонскиот КИЦ во Загреб, во емотивна атмосфера и целосно исполнета сала, се одржа значаен културен настан – краток омаж на дводомниот македонско-хрватски композитор Тома Прошев, во пресрет на јубилејната 30-годишнина од неговата прерана смрт, и концерт „Од класицизам до македонизам“ на квартетот „Стрингендо“.
За ликот и делото на композиторот Тома Прошев, културен деец што живеел и творел во Македонија и во Хрватска, сопствени спомени и историско-научни податоци споделија неговата ќерка, проф. д-р Борјана Прошев-Оливер и неговиот најстар внук, композитор и музиколог проф. Томислав Оливер. Со изведби на клавирски дела од Тома Прошев учествуваа студентите на Музичката академија во Загреб од Македонија: Виктор Рафајловски со делото „Варијации за клавир-Интима“, Андреа Николовска со делото „Арабеска и Токатина“ и Борјан Оливер, внук на композиторот Т. Прошев, со „Музичка сликовница“.
По омажот посветен на композиторот Тома Прошев, вечерта беше збогатена со концертот „Од класицизам до македонизам“ на квартетот „Стрингендо“, во чиј состав настапуваат: Љубица Делева Поповска – виолина, Олгица Шундиќ – виолина, Љупка Каевиќ – виолончело и Наташа Лазаревска – обоа.
Квартетот „Стрингендо“ е специфичен спој на дувачки инструмент (обоа) со гудачки инструменти (две виолини и виолончело). Целта на неговото формирање е афирмација на македонската музика, а наедно и негување на класицизмот како важна епоха за развојот на инструменталната музика. Обоата со нејзиниот специфичен звук често е поврзана со звукот на изворните македонски инструменти, токму затоа таа има главна улога во нижењето на преубавите мелодии на македонската песна. Во последните години „Стрингендо“ активно настапуваат во Македонија и во странство, а како најзначајни настапи може да се издвојат концертите во Рим и во Њујорк.


– Реализацијата на овој проект на Македонскиот КИЦ во Загреб, кој е дел од нашата годишна програма поддржана од страна на Министерството за култура и туризам, е во насока на афирмација и негување на македонската класична музика и уметност. Овој пат акцентот е насочен на македонскиот композитор, диригент и музиколог Тома Прошев, кој голем дел од животот поминува во Загреб и каде што создава голем дел од својот опус. Целта на проектот е неговите дела да станат подостапни за поширока публика, која не ги познава големината и значењето на неговото дело за македонската и за хрватската култура. Концертот „Од класицизам до македонизам“ на квартетот „Стрингендо“ е во насока на промовирање на македонската класична музика и македонската традиција, а наедно и интерпретација на дела од класицизмот што претставуваат никулец на инструменталната музика – изјави директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.
Македонскиот КИЦ во Загреб го организираше овој настан заедно со Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб.