Фото: „Охридско лето“

Виртуозниот пијанист Франческо Барбаџелата од Италија и моќниот шпански тенор со импресивна вокална моќ, Рамирез Дроз Реиналдо Елаис на 20. декември ќе одржат свечен новогодишен концерт што го организира НУ „Охридско лето“ . Концертот ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 20 часот.

Пијанистот Франческо Барбаџелета е истакнат уметник познат по својата беспрекорна техника, префинета музичка чувствителност и умешност да создаде вистинска магија преку клавијатурата. Неговата изведба е комбинација од емоционална длабочина, елегантна артикулација и исклучително уметничко присуство, што го прави омилен на концертните сцени ширум светот.

Фото: „Охридско лето“

Тенорот Рамирез Дроз Реиналдо Елаис, пак, плени со својата топла, моќна и богата вокална боја, како и со исклучителниот драматичен израз што го внесува во секоја изведба. Неговата интерпретативна зрелост, прецизноста и впечатливата сценска харизма го вбројуваат меѓу оние уметници чии настапи се доживуваат со восхит и длабока емоција.

Вечерта ќе биде исполнета со дела кои ќе ја истакнат нивната музичка уникатност и заемна уметничка енергија, создавајќи атмосфера на возвишеност и истенчена естетска убавина преку пијано изведбата на интермецата на Manon Lescaut и Madama Butterfly, ариите La donna è mobile, Pourquoi me rеveiller, Nessun dorma и многу други.Исто така, на репертоарот ќе бидат и вечните канцони Mattinata, Torna a Surriento, Non ti scordar di me, Mamma и незаменливата O sole mio.

Фото: „Охридско лето“

Влезот за концертот ќе биде бесплатен, како како подарок за верната публика на „Охридско лето“. „Ова е нашиот начин да изразиме благодарност за довербата, поддршката и љубовта што ни ја даваат љубителите на врвната уметност“, велат од оваа Национална установа.