Фото: Сашо Ставрев

Во чест на празникот на сесловенските просветители, на 24 Мај во селото Стење, во дворот на црквата „Св.Кирил и Методиј“ се одржа второто издание на поетската манифестација „Преспански треперења“. Голем број поети од Македонија, но и од странство, читаа свои песни пред големиот број присутни, а воедно беше промовирана и истоимената поетска збирка, во која тие се отпечатени, што ја доби секој учесник, како и благодарница.

Беа изложени и уметнички дела и икони изработени од учесниците.
Програмата беше збогатена со музички точки од професионални музичари.
Според реакциите по одржувањето, првото издание на „Преспански треперења“ било успешно и се очекува маниефстацијата да стане традиционална, а тоа воедно ќе биде и убава можност за културна промоција на селото Стење, туристички бисер кој плени со својата убавина.

Фото: Сашо Ставрев

– Оваа манифестација очекувам да биде богата, пред сѐ во духовна смисла, а за тоа, сите ние ќе дадеме свој придонес. Сведок нека ни биде Крстот на црковната купола што гледа од исток додека небото ги запишува стиховите што преку езерските води ќе ги разлева ветрот на сите страни – со овие зборови професорот и лектор Влатко Стојковски, кој го водеше настанот, ја започна програмата.

Пред присутните потоа се обрати младата писателка Маријана Митревска, еден од организаторите и реализатори на целиот овој проект, а Даринка Веслиевска претседател на здружението „ЖАР Преспа“ од Ресен, официјално ја отвори манифестацијата.

На настанот присуствуваа четириесеттина од вкупно 73 творци, чии песни се најдоа во збирката „Преспански треперења“. Присуствуваше и Мирјана Светозаревиќ од Ниш, Србија. Сите на свој трошок пропатуваа многу километри за да учествуваат и заедно да ја направат промоцијата на заедничката збирка незаборавен настан.

Со свои музички точки манифестацијата ја збогатија групите: „ Дуо Персиди: Тони Карапанчевски- Леко и Кристијан Милошевски“ и „Здраве мјузик“, во состав: Благојче Тодоровски, Бојан и Дарко Здравески.

Вратите на црквата, која во петокот го прославуваше својот патрон, Свети Кирил и Методиј, празникот на селото, широко беа отворени за сите добронамерници, а годинашните кумови, Невена и нејзиниот син Горан Ангеловски, обезбедија богата трпеза. Подрачното училиште „Браќа Миладиновци“ и жители на селото помагнаа со инвентарот и со својот ангажман сѐ да мине во најдобар ред.

– Овој проект се реализираше со многу скромни финансиски средства, од донации. Штанд со ракотворби имаа три девојчиња, а со преубави магнети од глина се претстави грнчарот Ристе Шулинчевски. Овој настан е од огромно значење за Преспа, Ресен, за селото Стење, за луѓето од овој крај. Ова не е само културен настан, ова е обединување, создавање заедничка збирка која дава почит кон христијанството, негување на македонскиот јазик – велат организаторите.

Превоз од Ресен-Стење и обратно обезбеди Општина Ресен. Настанот имаше и хуманитарен карактер, бидејќи дел од средставата ќе бидат наменети за доизградба на црквата.