Раде Силјан е еден од носечките столбови на македонската култура. Половина век, со неговото творештво, како еден од стожерните автори, тој ги исцртува магистралните текови на македонската книжевност. Силјан е полиграф што оствари и остварува голем дел од најзначајните културни мисии за Македонија, не само како поет, книжевен критичар и антологичар, туку и како уредник, издавач, општественик и културен деец. Како книжевен критичар, пак, тој е и сеизмограф што ги бележеше и ги бележи сите потреси во нашата книжевност, ги одбележа и издигна сите значајни автори за историјата на македонската книжевност, а секогаш посебно заинтересиран да ги поддржи младите. Сократовска, а јавна личност што создаде културен центар на македонската културна елита, што ќе остане забележано во историјата како една ретка појава. Раде Силјан е личност каква што треба да има секоја национална култура.
Ова се само дел од констатациите и пораките што беа искажани вчера на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на чествувањето 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата книга на еден од најзначајните македонски автори на XX и XXI век, Раде Силјан. Настанот „Огледало на вековите“ беше во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура, а како што беше кажано, двата јубилеја не се значајни само за творечката биографија на Силјан туку и за македонската книжевност и култура и нивната историја.
– Сакам особено да ја истакнам долготрајната поддршка што Катедрата за македонска книжевност и култура ја добива од Раде Силјан. Таа се препознава преку донации на книги, преку постојана достапност на изданија и преку можноста за објавување научни и книжевни трудови во рамките на издавачката дејност на „Матица македонска“. Станува збор за однос заснован на пријателство и заемна почит кон книгата, кон македонскиот јазик и кон академската работа, граден со децении. Учеството на студентите во денешната програма е особено значајно. Тоа покажува дека добрата книжевност секогаш го наоѓа патот до својот читател и дека делото на Раде Силјан е активен и незаобиколен дел од универзитетскиот живот и од дијалогот меѓу генерациите. Овој настан е резултат и на нивната посветена и одговорна работа – истакна д-р Трајче Стамески, раководител на Катедрата за македонска книжевност и култура.
За творештвото и културните мисии на Силјан, на настанот говореа универзитетските професори Кристина Николовска, Венко Андоновски и Весна Мојсова-Чепишевска.
– Кога ја формираше „Матица македонска“, очигледно беше дека тоа е направено по углед на „Матица хрватска“, и тоа е надоместување на она што во XIX век се викаше „Матица илирска“ кај Хрватите и беше столб на нивното романтичарско движење и на илиризмот. Силјан бил свесен дека ние во XIX век сме немале „Матица македонска“ како што Хрватите ја имале „Матица илирска“, па во XX век ни го даде тоа задоволство да имаме „Матица македонска“ како што во Хрватска има „Матица хрватска“. Двете „матици“ се две сестри, два столба на две сродни култури – таму се објавуваат најважните нешта. И ден-денес, Раде Силјан има строг критериум за објавување во „Матица македонска“, и така треба и да остане – како што е строг критериумот и во „Матица хрватска“… Ете, колку е важна културната мисија на Раде Силјан и колку е важно што ја имаме „Матица македонска“, со строг критериум… – нагласи меѓу другото професорот Венко Андоновски.
Професорката Весна Мојсова-Чепишевска се обрати и како приредувачка на книгата „Лажно време“ – избор од поетското творештво на Раде Силјан, што по повод двата јубилеја годинава го објави книгоиздателството „Дијалог“.
































