Фото: Филип Димкоски

Денот на македонскиот јазик е определен во Романија уште во 2018 година, со Декрет на претседателот на оваа земја, Клаус Вернер Јоханис. Врската меѓу македонската и романската книжевна сцена се зацврстува уште од 1982 година со пријателството помеѓу Ацо Шопов и романскиот поет Никита Станеску кој во истата година е добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата

На 7 декември во Националниот музеј на романската литература во Букурешт, со пригодна програма беше одбележан Денот на македонскиот јазик во Романија, во организација на Лекторатот по македонски јазик во Букурешт и македонската амбасада во оваа земја.

Во фокусот на настанот беше одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на македонскиот прославен поет Ацо Шопов, па во негова чест студентите кои го изучуваат македонскиот јазик читаа негова поезија на македонски, романски и на англиски јазик. Поетот Филип Димкоски изведе поетски перформанс со стиховите од познатата песна на Шопов, „Небиднина“, а беше прочитана и поезија на Димкоски, на македонски и на романски јазик.

Фото: Филип Димкоски

Вршителот на работите Муарем Меџити од Амбасадата на Македонија во Романија, ја истакна важноста од развивањето на културно-општествените релации меѓу овие две држави.

– Во рамките на оваа програма ја одбележувме стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, еден од великаните на нашето книжевно творештво како и 80-годишнината од раѓањето на Никита Станеску великан на романската литература. Македонија и Романија се две пријателски земји кои споделуваат заеднички вредности. Со Романија споделуваме богата заедничка историја и извонредна традиција, а сето тоа им дава суштина и вредност на длабоките врски меѓу нашите народи – изјави Меџити.

Македонскиот јазик мост меѓу две култури

Денот на македонскиот јазик е определен со Декретот на претседателот на Романија, Клаус Вернер Јоханис уште во 2018 година. Како што наведе лекторката по македонски јазик на Факултетот за странски јазици и литература во Букурешт, Елена Ѓорѓиовска – оттогаш, македонскиот јазик станува мост кој уште повеќе ги спојува македонската и романската културна заедница, зацврстувајќи ги односите меѓу двете земји и покажувајќи дека правото на славење на мајчиниот јазик и култура е право кое зближува и ја обогатува меѓусебната културна размена.

– Датумот на славење, 8 Декември е поврзан со денот кога Македонската православна црква го одбележува својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец и сметам дека не постои поубав дата за одбележување на овој ден бидејќи од старословенскиот период, од св. Кирил и Св. Методиј, преку Св. Климент и Св. Наум, погледите и дејноста на Пулевски, Крсте П. Мисирков, Прличев, Цепенков, Миладиновци, Рацин, до Блаже Конески и кодификацијата на македонскиот јазик во 1945 година, тој – македонскиот јазик дишел и дише низ времето и историјата, обидувајќи се како жив организам да се развива, да страда и да се радува заедно со народот и луѓето што го зборуваат – рече Ѓорѓиовска.

Таа изрази голема благодарност до Амбасадата на Македонија во Романија, принцот Шербан Димитрие – Стурза, почесен конзул на Македонија во Констанца и „Алкалоид“ во Романија.

Фото: Филип Димкоски

Пријателството на Шопов и Станеску

Врската меѓу македонската и романската книжевна сцена се зацврстува уште од 1982 година со пријателството помеѓу Ацо Шопов и романскиот поет Никита Станеску кој во истата година е добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Во чест на ова нивно пријателство, на пријателството помеѓу Шопов и Станеску, на пријателството меѓу Македонија и Романија во склоп на настанот се прочитаа и две песни од Никита Станеску во препев од романски на македонски јазик од Јане Теохаревски – историчар на уметност и голем афирматор на македонскиот јазик и култура во Романија.

– Ми беше огромна чест што заеднички успеавме да го органзираме овој настан бидејќи независно дали сме дома или некаде по светот, мајчиниот јазик е она што сме ние, тој е нераскинлив дел од нашата свест. Тоа е јазикот на кој најгласно се смееме, јазикот на кој најсилно љубиме и најискрено тагуваме и јас не можам да бидам посреќна што тој јазик, мојот јазик имав можност да го прославам овде, во Романија заедно со драги луѓе кои го сакаат и почитуваат – истакна лекторката Ѓорѓиовска.

Во рамките на настанот беше реализирана презентација и дегустација на македонски вина и сирења, на задоволство на присутните гости и претставници на амбасадите од повеќе држави од светот. Ф.Д.

Фото: Филип Димкоски