Промоција на „Светот без Македонија не е цел“ на Киро Кипроски
Во милениумското древно македонско светилиште „Св.Јован Крстител“, познато како Бигорски манастир, утре, во 12 часот, во организација на издавачот НУ Центар за култура АСНОМ – Гостивар, ќе се одржи промоција на монографијата „Светот без Македонија не е цел“ на Киро Кипроски, доајен на македонското новинарство и публицистика, која ја посветува на својот 75-ти роденден. За книжевното дело ќе говорат рецензентот Марјан Велевски, главен и одговорен уредник на дневниот весник „Нова Македонија“, проф. д-р Светлана Велјановска, деканка на Правниот факултет – Кичево, при битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“, и уредникот на монографијата и автор Киро Кипроски. Книжевно дело е уште едно од богатиот творечки опус на Кипроски.
Монографија е составена од два дела. Во првиот дел се текстови објавени во нашиот весник во последниве години, надградени, проширени и илустрирани со повеќе фотографии во рубриката „Забележано и необјавено“. Во вториот дел се текстови, исто така објавени во нашиот весник „Нова Македонија“, во редакциската колумна „Наш став“, коментари на теми од сите сфери на живеењето, актуелни и поучни за денес и за во иднина.
Според зборовите на Кипроски, најголемиот број текстови се случиле и се однесуваат на Западна Македонија, непресушен извор на инспирација на авторот, каде што секој камен, секоја тревка крие некоја неискажана приказна. Како вешт ловец на тие приказни, со неверојатна леснотија ги открива и ѝ ги пренесува на читателската јавност. Ако досега тие приказни полни со живот, со љубов, а пред сѐ со родољубие, беа присутни само на страниците на „Нова Македонија“, отсега тие се достапни и за љубителите на убавата литература.
Кипроски беше голем пријател со третиот поглавар на МПЦ, г.г. Гаврил, од подолгиот текст пренесуваме дел: „Охридската архиепископија и покрстувањето на Русија“, зборник издаден по повод илјадагодишнината од покрстувањето на Русите, издание на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје, уредник архиепископ г.г. Гаврил, декан. Од предговорот што го напишал подвлече неколку реченици и ми ги прочита: „Овде, во Македонија, од овие простори се прошири светата христијанска вера за сиот словенски род. Овде се напишаа првите букви од азбуката на словенски јазик и првите книги на тој јазик. Така подготвени и во придружба со своите ученици од овие простори, тргнаа светите браќа кон север во апостолска мисија. Сето ова ја посведочува вистината дека на овие простори е почетокот на општословенската писменост и култура. Затоа и трудовите избрани во ова издание претставуваат најпрепознатлив белег и постојаност на врската меѓу Македонија и Русија – Охридската архиепископија и црквата во Русија“.
– Врачувајќи ми ја книгата, г.г. Гаврил ми рече: Кипро, запамети ги овие мисли и во секоја пригода употребувај ги и шири ги. Тоа е нашето оружје за одбрана на македонскиот јазик и нашиот македонски идентитет, на нас, Македонците – споделува Кипроски.
Монографијата „Светот без Македонија не е цел“ изобилува со галерија на значајни ликови од политиката и уметноста, за кои пишува колегата Кипроски од директните средби или, пак, пренесени мисли или случки од присутните: Јосип Броз-Тито, претседател на СФРЈ, Крсте Црвенковски, потпретседател на СФРЈ, Петар Стамболиќ, претседател на Сојузниот извршен совет на Југославија, Едвард Кардељ мислител, идеолог и прв соработник на претседателот Тито. Претседателите на Македонија: Лазар Колишевски, Никола Минчев, Киро Глигоров, прв претседател на самостојна Република Македонија, Никола Кљусев, претседател на експертската влада на самостојната држава Македонија, нобеловецот Ферид Мурад, Паскал Сотировски, научник од светски глас. Црковните великодостојници, поглаварите на МПЦ: г.г. Гаврил, г.г. Михаил и г.г. Стефан. Академиците: Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Ацо Шопов, Радован Павловски, Матеја Матевски, Анте Поповски, Глигор Чемерски, Богомил Ѓузел, Ѓорѓи Старделов, Владо Камбовски, уметниците Александар Сариевски, Јонче Христовски, Здравко Чолиќ, Ватрослав Мимица, Иво Етеровиќ други.