Јуни во Кинотеката на Македонија носи богата, внимателно курирана филмска програма што се движи низ темите на телесноста, идеалот, отпорот и културната меморија. Од антологиската класика на европскиот модернизам, до ангажирани современи дела и регионални гласови, јунската понуда ги зближува различните филмски поетики, а го збогатува и самото искуство на гледање како чин на размисла, анализа и емоционален ангажман.
На програмата е филмската класика „Смртта во Венеција“ на Лукино Висконти, адаптација на истоимениот роман на Томас Ман, кој можеби е највеличествениот пример за визуализација на естетскиот идеал и неговото проклетство. Музиката на Малер, архитектурата на Венеција и бавната деструкција на духот и телото на Густав фон Ашенбах – тука стануваат метафора на една Европа на раб на историска, морална и духовна пропаст. Висконти маестрално го преведува текстот на Ман во јазик на тишина, симболика и слика, нудејќи филм што не старее – напротив, станува сè поактуелен.
Во јунската програма влегуваат и двата нови филма на Даг Јохан Хогеруд, „Секс“ и „Љубов“ – кои иако може да се гледаат како целина, функционираат и како самостојни интимни истражувања на човековата телесност и афективност.
„Секс“ е еден од најискрените и најинтелигентни филмови за современите форми на сексуалност, телесен контакт и интимна несигурност. Преку прецизна камера и дијалог што не бега од непријатното, Хогеруд го поставува прашањето: колку е интимата телесна, а колку политичка?

Ќе го видиме и новиот филм „Семето на светата смоква“ на иранскиот режисер Мохамед Расулоф, добитник на „златна мечка“ и гласен критичар на режимот во Иран. Со овој филм тој го продолжува ангажираниот поетски стил што истовремено е интимен и политички. Филмот, кој се одвива во сенката на иранската диктатура, не нуди лесни одговори и го проблематизира секојдневието на младите луѓе, кои се соочуваат со невидливи, но присутни граници на говор, движење и љубов.
Халфдан Улман Тендел, внук на Ингмар Бергман, и Лив Улман, со филмот „Арманд“ ни носи суптилна, психолошки софистицирана драма за релациите меѓу мајка и син, но и за замолчениот товар на машкиот срам и општествениот суд. Филмот, со својата визуелна строгост и драматуршка воздржаност, претставува современ продолжеток на скандинавската филмска традиција, а истовремено носи нов, подмладен тон, со исклучително прецизна актерска игра.

Циклуси: Италија, Перу и Балканот на големо платно
На програмата се и „Деновите на перуански филм“, кои претставуваат ретка можност за македонската публика да се запознае со кинематографијата на Латинска Америка надвор од доминантните индустрии. Перу, преку својот филм, зборува за урбаните маргини, сеќавањата на воените конфликти и сè уште живите ритуали во секојдневниот живот.
– Особено значајно е присуството на албански, романски, бугарски и на грчки филмови од рецентната продукција, кои го отвораат просторот на Балканот како филмска зона на естетска разноликост и културна хибридност. Овие проекции се и можност за регионален дијалог преку уметноста, во време на општествено раздвојување и културна изолација. Јунската понуда на Кинотеката не е само репертоар – тоа е културна мапа на современото искуство, каде што филмот не е само уметност, ами средство за разбирање, сведочење и сврзување. Во време на глобално забрзување, Кинотеката останува простор на забава, каде што секое гледање е и читање, а секоја слика – повик на дијалог – велат од Кинотеката. В.Д.