Деновиве беше објавена публикацијата „Целзиус 234: Ракописите, книгите и стриповите при распадот на СФРЈ“ на Александар Стеванов од Штип. Станува збор за истражувачка студија, чија тема е судбината на библиотечните фондови и објекти за време на југословенските војни на почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Како што во неа документира Стеванов, при распадот на СФРЈ се оштетени 210 библиотеки само во Хрватска, а најголемите човечки и книжни загуби се регистрирани во Босна и Херцеговина, односно во нејзиниот главен град. Покрај Музејот на XIV Зимски олимписки игри, одржани во Сараево неполна деценија претходно, во војната се оштетени и сите сараевски библиотеки, дел од нив речиси целосно. Според процените, при опсадата на Сараево се уништени над два милиона примерока библиотечен материјал – ракописи, книги, весници и стрипови, меѓу кои и такви со непроценлива вредност.
Една од првите жртви на војната во Босна и Херцеговина е Ориенталниот институт. Основан во 1950 година, институтот дотогаш е дом на најголемата збирка на исламски и отомански документи во регионот. Пред да биде уништен на 17 мај 1992 година, во него биле сместени 5.263 укоричени ракописи, архива од 200.000 отомански документи, примарен изворен материјал за 500 години историја на земјата, збирка од над 100 отомански катастарски регистри што ги евидентираат сопствеништвото на земјиштето и структурата на населението во Босна од XVI до крајот на XIX век, 300 ролни микрофилмови со копии од босански ракописи во приватен посед или во странски институции, како и референтна збирка од 10.000 печатени книги и 300 комплети периодични изданија, најсеопфатната посебна библиотека на таа тема во целиот регион. Како што открива Стеванов, дел од овие ракописи по војната се „воскреснати“ благодарение на копии направени и од македонски истражувачи.
– Горењето книги е како горење луѓе – вели авторот Александар Стеванов во интервју по повод неговата книга „Целзиус 233“ посветена на страдањето на библиотечниот материјал во Априлската војна, односно во првите неколку дена од Втората светска војна на југословенско тло.
– Спасувањето книги е како спасување луѓе – вели библиотекарот Мустафа Јахиќ, во интервју по повод спасувањето на книгите од „Газихусревбеговата библиотека“ при распадот на СФРЈ, односно за време на југословенските војни од почетокот на деведесеттите години на минатиот век.
– Велат големите умови размислуваат слично, но поврзаноста меѓу Стеванов и Јахиќ е и од поконкретен карактер. Обајцата се учесници во приказната за уништувањето и за спасувањето на државните, универзитетските, градските, религиозните и приаватните библиотеки за време на крвавата дезинтеграција на Југославија, забележува Стеванов како минуциозен истражувач и акрибичен запишувач на случувањата, а Јахиќ како еден од учесниците – пишува во својата рецензија кон „Целзиус 234“, проф. Јагода Василева.
Иако не без оштетувања, благодарение на Јахиќ e спасен најголем дел од книжниот фонд на „Газихусревбеговата библиотека“ во Сараево. Благодарение на храбрите библиотекари, спасена била и библиотеката на Националниот музеј на Босна и Херцеговина. Еден од главните „виновници“ за тоа е библиотекарот Кемал Бакаршиќ. Заедно со своите колеги, тој успеал да спаси над 200.000 значајни книги, меѓу кои и познатата Сараевска хагада, ракопис стар повеќе од пет века, кој претходно преживеал три палења. За жал, тоа не било случај со Националната и универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина. При гранатирањето на 25/26 август 1992 година биле уништени 90 отсто од книжниот фонд на оваа установа, односно над еден и пол милион тома. Со оглед на тоа што била дом на целокупната периодика објавена во Југославија по Втората светска војна, меѓу уништените книги, весници и списанија во библиотеката имало и такви објавени во Македонија.
„Целзиус 234: Ракописите, книгите и стриповите при распадот на СФРЈ“ е четиринаесетта книга на Александар Стеванов, кој се јавува и како автор на една сликовница и на неколку стрип-албуми. Таа е своевидно продолжение на книгата „Целзиус 233“, објавена претходната година, во која се документирани уништувањето на ракописите, книгите и стриповите во некогашна Југославија за време на Априлската војна во 1941 година. Со оглед на истата централна тема што ја обработуваат – горењето книги – насловот на оваа публикација на Стеванов е инспириран од популарниот научнофантастичен дистописки роман „Фаренхајт 451“ на Реј Бредбери. Објавувањето на „Целзиус 234: Ракописите, книгите и стриповите при распадот на СФРЈ“ е поддржано од Министерството за култура и туризам во рамките на годишната програма за остварување на националниот интерес во културата.