Деновиве во Риека, Хрватска, од печат излезе поетската книга „Географија на слободата“, која содржи избор песни од сите шест поетски книги и неколку необјавени песни на Наташа Сарџоска, во издание на Хрватското книжевно друштво, а со поддршка од Министерството за култура и туризам. Сарџоска за оваа книга одржа две промоции во Хрватска. Првата беше во рамките на Деновите на македонската култура во Риека, каде што за авторката и книгата говореше Ивона Дуноски, претседателка на македонското културно друштво „Илинден“ во Риека и организаторка на настанот. Втората беше во Опатија, по покана од здружението „Културен фронт“, каде што, освен промотивен настан, Сарџоска одржа и научно предавање со наслов „Поезијата како експеримент со јазикот, како метафизичка уметност, како чин на општествена побуна“ во дебатниот клуб „Опатија кофихаус“. Таму модератор на дебатата беше проф. Иван Церовац од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека, а учествуваа голем број поети, интелектуалци и професори од Кварнерскиот Регион. Автор на корицата на книгата е сликарката Калина Брајковска, а на поговорот риечкиот поет Валерио Орлиќ, кој наедно е и издавач. Своите стихови ги преведе самата авторка, а лектура и редакција направи хрватската книжевна теоретичарка и критичарка Марија От Франолиќ.
Овие книжевни промоции во Хрватска се само неколку во низата книжевни настани што Сарџоска ги оствари периодов.
Имено, таа престојуваше на две книжевни резиденции летово во Хрватска: во „Куќата за писатели“ во Пазин, каде што имаше неколку промотивни настани со проф. Даниел Мохоровиќ и директорката на пазинската градска библиотека Мајда Милевој Клапчиќ, и гостувања во Радио Пула, Ровињ и Истра. На резиденција во Сплит, по покана од германската фондација и книжевна мрежа „Традуки“,нејзиното книжевно творештво беше претставено во градската библиотека „Марко Марулиќ“, во разговор со преведувачката и организаторка на културни настани Патриција Хорват и со поетесата Нада Топиќ, а во организација на здружението „Курс“ и неговата претседателка Маја Вранчиќ.