Од печат излезе поетската збирка „Ништо помеко од сенките“ на младиот и талентиран српски поет Милош Лазаревиќ. Книгата се состои од 41 песна.
– Она со што импонира оваа поетска збирка е духовната конекција меѓу интимното и универзалното; неа ја доживувате како подадена рака кон семејните сеќавања и кон намислените внатрешни бури кога констатацијата е погубна, а таа е во многу наврати таква. Милош Лазаревиќ во овие стихови многупати помислувал на основните причини за животниот тек со голем акцент врз влијанието на обичните, секојдневни настани. Кога ќе ги сублимираме сите овие состојки заедно со фиктивните, мали, но многу интересни приказни низ истите овие стихови, ќе дојдеме до констатација дека времето и светлината, неодлучноста и темнината се двете координати низ кои се повлекуваат линиите на смислата на нашата егзистенција, главно духовна – вели издавачот.
Ова е прва поетска збирка на Милош Лазаревиќ, а препевот е на Сашо Огненовски. Книгата е во издание на „Перун артис“ од Битола.