Издавачката куќа „Слово“ од Скопје неодамна ја објави најновата поетска книга „Црни букви на црвено“ од Димитар Башевски, македонски романсиер, раскажувач, поет и преведувач. Освен романите, расказите и една книга есеи, Башевски досега објавил неколку поетски книги, а објавени се и избори од неговата поезија. Во 2023 година неговата поетска книга „Дни, години“ ја доби највисоката поетска награда кај нас, наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“. Неговите книги досега се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици и имаат добиено високи книжевни награди и признанија во земјата – покрај „Браќа Миладиновци“, и државната награда „11 Октомври“, „Рациново признание“, наградата „Роман на годината“, државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања и др.
„Црни букви на црвено“ е поетска книга што доаѓа во зрелата творечка фаза на Башевски и ги изразува главно оние поетски својства за кои еден број критичари пишуваа и за досегашните негови поетски книги.