Во издание на „Бата прес“ се објави книгата за деца и млади „Маѓепсана училница“ од познатата чешка писателка Ивона Бжезинова, со илустрации на реномираниот уметник Јаромир Ф. Палме. Книгата на македонски ја преведе Мирјана Наумовски (Мими Наум). Објавувањето на ова дело е поддржано од Европската Унија и од Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“, со кој „Бата прес“ оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“ објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори.
Во „Маѓепсана училница“ се зборува за трите ромски деца што често менуваат училишта, следејќи ги своите родители, кои се магионичари што патуваат. Затоа нивното образование не е на завидно ниво – не може да се каже дека течно читаат и пишуваат, а ниту математиката не им оди. Децата наидуваат на безброј предрасуди и поради тоа паѓаат во неволји…
Авторката Ивона Бжезинова е родена во 1964 година. Таа е една од најпознатите чешки писателки за деца. Детството го поминала во градот Усти на Лаба. Докторирала чешки јазик и книжевност. Денес живее во Прага каде што предава креативно пишување на Книжевната академија и уредува радиоемисии. Има напишано околу педесет книги за деца и млади, меѓу кои има бајки, тинејџерски романи, фантастика и реалистични романи.
Нејзината најпозната книга „Маѓепсана училница“ се занимава со интеграција на Ромите во општеството и за неа во 2004 година ја доби значајната награда на Интернационалниот борд на книгите за млади, како и наградата „Магнезија литера“ во 2002 година.