Во издание на „Бата прес“ се објави книгата „Стоиме заедно против ракот – 40 совети како да му помогнете на болниот и себеси“ од Зана Кењар, наша сонародничка што живее и работи во САД. Станува збор за емотивна и трогателна сторија, според вистински настани, напишана во најголем дел во стихови.
„Стоиме заедно против ракот“ е полна со едноставни и практични совети како да му се помогне на болниот – со убав збор, молитва, посета, дружење. Таа го опишува патот на авторката, која му помагала на својот брат во неговата битка со ракот и ги повикува сите луѓе да испратат „позитивна и лековита енергија кон сите што се соочуваат со некоја сериозна тешкотија“. Опишува како постојано планирала активности, меѓу кои и патување до родната Македонија, за да му ја врати надежта на својот брат.
Зана Кењар е родена во Струга во 1971 година. Во 1987 година заминала во САД, дипломирала на Факултетот за менаџмент и повеќе од 20 години работи како жена лидер и консултантка што успева да ги инспирира своите колеги со својот позитивен и оптимистички пристап. Таа е авторка на интернационалниот бестселер „Becoming a Legacy Leader“ (Да се стане лидер). Како основачка на издавачката куќа „ЗК паблишинг хаус“, таа ги инспирира другите да ги остварат своите соништа преку пишување, издаваштво и лидерство.