Во издание на здружението на уметност и култура „Дијалог“ од Скопје деновиве излезе од печат книгата „Македонистички предавања“ од познатата руска славистка, академик Ала Шешкен. Книгата е објавена по повод значајниот јубилеј – педесет години македонистика на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва.
Издавачот подвлекува дека „идејата за почнување македонистички студии и нејзиното реализирање на еден од најголемите универзитети во светот, досега означи петдецениски период на афирмација на македонскиот јазик и литература. Меѓу професорите што дадоа значаен придонес во развојот на македонистичките студии е акад. Ала Генадиевна Шешкен. Како славистка и компаративистка, Шешкен долги години е промоторка на македонската литература во Русија. Авторка е на над 200 научни труда, со кои ги поставува темелите на систематското концептуално предавање и проучување на македонската литература. Држи предавања и специјални курсеви од историјата на македонската литература, култура и македонската литературна критика на Катедрата за словенска филологија при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Ломоносов“.
Рецензентот и уредник на книгата „Македонистички предавања, д-р Веле Смилевски, пишува: „Овој труд на акад. Ала Шешкен е логички резултат на нејзината долгогодишна посветеност на македонската литература во наставата на Универзитетот ’Ломоносов’, како важна мисија кај новите генерации слависти во Русија, но и на научно поле, со задлабочени анализи и толкувања на делата на македонските писатели. Најголемиот дел од книгата ’Македонистички предавања’ е посветен на развојните процеси на македонската литература во дваесеттиот век, со акценти на тематските и стилските особености во делата на десетици македонски писатели што оставиле впечатливи траги во доменот на поезијата, прозата и драмата. Со ваквиот научен пристап книгата претставува своевидна историја на македонската литература на минатиот век“.
Ала Шешкен (1952) е докторка по филолошки науки. Членка на Македонската академија на науките и уметностите од 2006 година. Добитничка е на меѓународното признание „Блаже Конески“ во 2015 година, за придонес во проучувањето и афирмацијата на македонската литература и македонскиот јазик. Носителка е на наградата „Почесно Рациново признание“ (2021). Ала Шешкен долги години е активна учесничка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Со своите студенти таа секоја година учествува во работните сесии на семинарот.