Романот „Земја“ од Елој Морено, објавен во издание на „Антолог“, се занимава со негрижата за планетата што ќе го промени нашето гледиште на светот. Неодамна авторот Елој Морено (Шпанија) стана новиот светски рекордер за писател со најмногу потпишани книги во еден ден. Неговите дела секогаш носат ангажиран однос кон заедницата.
Најбогатиот човек на планетата создава ријалити шоу што будно го следи целото човештво на малите екрани и преку социјалните мрежи. Медиумскиот магнат испраќа осуммина на Марс за да ја создаде првата колонија надвор од Земјата, но без шанси да се вратат. По неговата смрт, неговите деца, син и ќерка, веќе возрасни луѓе, треба да завршат игра почната во детството што тој ја дизајнирал. Наградата за успешно завршената игра е исполнување на најголемата желба на секој од нив… Но ништо не е како што изгледа и вистината станува сложена загатка што треба да се открие, за да сфатиме на крајот дека главниот проблем кога ја бараме вистината настанува кога ќе ја најдеме и не знаеме што да правиме со неа.
Елој Морено (1976) е шпански писател. Студирал компјутерски менаџмент и работел во компјутерска компанија. Поради големата љубов кон книжевноста, својот прв роман го објавил самостојно и го продал во повеќе од 200.000 примероци. Подоцна објавува уште неколку романи, од кои најпознат е „Невидлив“ (2018). Автор е и на тритомно дело наменето и за возрасни и за деца, веќе прифатено како лектира во многу образовни центри. Сакајќи да им помогне на младите писатели, во 2016 година започнал курс за самиздати.
Книгата од шпански јазик ја преведе Виолета Јагев.