Годинава издавачката куќа „Артконект“ го објави романот „Собрани дела“ од шведската писателка Лидија Сандгрен. За овој роман авторката ја има добиено најпрестижната шведска награда „Аугуст“ во 2020 година и во Шведска романот стана книжевен феномен: само во првата година се продале над 100.000 примероци од книгата.
Критичарите го оценуваат романот како „грандиозна, комплексна драма за семејството, уметноста и жртвата, која несомнено ќе ги освои читателите“.
„Собрани дела“ зборува за Мартин Берг, писател и сопственик на мала издавачка куќа во Гетеборг, чиј живот ќе се преврти наопаку: неговата сопруга мистериозно исчезнува, неговиот најдобар пријател не му одговара на повиците, неговата издавачка куќа тоне во долгови, а се чини дека и неговите деца сè повеќе сакаат да се оддалечат од него. Еден ден неговата ќерка случајно ќе открие трага што може да ја открие тајната за исчезнувањето на мајка ѝ, но одговорите се сосема различни од тие што ги очекува…
Романот е концентриран на повеќе ликови и создава децентрирана перспектива на раскажување, со што практично сите ликови, всушност, се главни. Всушност, „Собрани дела“ личи на совршено компонирана поп-песна: привлечна, бомбастична, неодолива.
Оваа книга е објавена во рамките на проектот „Соочување со неизвесноста: современа европска литература“ што издавачката куќа „Артконект“ го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Преводот е на Катерина Јосифоска.