Во рамките на издавачката куќа „Артконект“ неодамна беше објавен романот „Шаги Бејн“ од шкотско-американскиот писател Даглас Стјуарт. Ова е неговиот прв роман и истиот тој бил над 40 пати одбиен за издавање од различни издавачи, но, по конечното издавање, тој ја добива престижната награда „Букер“ и со тоа стекнува светска слава, а потоа романот е преведен на повеќе од четириесет јазици.
– Првенецот на Даглас Стјуарт е роман со ретка и трајна убавина, истовремено нежен и моќен, со толку добро изграден главен лик, што ни се чини дека го препознаваме во секого од нас – пишува „Опсервер“.
Дејството во „Шаги Бејн“ се случува во 1981 година, кога Глазгов тоне во економска и социјална криза. Приказната започнува со младата Агнес Бејн, која со своите три деца и сопругот е принудена да се пресели во малиот стан на своите родители. Борејќи се со сиромаштија, депресија, насилство и алкохолизам, Агнес сè повеќе сфаќа дека никогаш нема да го живее животот што го посакува. Нејзиниот најмал син, Шаги, е единствениот што сонува дека љубовта, сепак, може да го спаси неговото семејство. Но Шаги е маргинализиран дури и во рамките на работничката класа на која припаѓа неговата фамилија. Тој се бори со својот идентитет, бидејќи не е како другите момчиња на негова возраст: заинтересиран е за работи што се дефинирани како „женски“, сака да си игра со кукли итн. Шаги е во постојана надеж дека неговата мајка ќе го победи алкохолизмот во кој сè повеќе тоне и дека тој ќе успее да биде прифатен во средината како нормален.
Книгата е објавена во рамките на проектот „Соочување со неизвесноста: современа европска литература“, кој издавачката куќа „Артконект“ го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
Преводот е на Ацо Пероски.
































