„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Прегорување“ од современиот чешки писател Петр Шестак во превод од чешки јазик на Наталија Тоневска Каровска.
Овој роман обработува современа тема – урбаниот велосипедизам, поточно, тој претставува фрагментарен монолог од курир што вози велосипед низ градот, доставувајќи храна до оние што се посреќни и поуспешни од него. Тој е современ работник, извршител на услужни работи, доставувач на нарачки на платформа, а себеси се смета за претприемач. Тој нема шефови над себе, но тиранијата на шефовите е заменета со тиранијата на алгоритмите. Нема шефови, но нема ниту перспектива некогаш да стане шеф. Сè додека може физички да работи, тој ќе заработува само за живот. Курирот никогаш не заработува доволно за да слезе од велосипедот.
„Прегорување“ од Петр Шестак е одлично оценето и прифатено дело од литературната критика и од читателите и беше во најтесен избор за највисоката книжевна награда во Чешка „Магнезија литера“ во категоријата проза за 2024 година. Романот е современ, темата е урбана, стилот и нарацијата се на високо ниво, а приказната е алегорична, повеќеслојна и го одразува мигот на современиот поединец во динамичното и егзистенцијално секојдневие.
Петр Шестак (1981) е чешки прозаист, сценарист и фотограф. Дипломирал чешки јазик на Педагошкиот факултет на Карловиот универзитет во Прага. Пишувал сценарија за патописна серија што се емитувала на Чешката телевизија и бил вклучен во нејзиното снимање во Монголија и на островите на Француските Западни Инди. Две години живеел во камп-приколка додека патувал низ Европа со мобилна изложба на фотографии. Неговите искуства од номадскиот живот се внесени во поетската, филозофска патописната книга „Номадска галерија“ (2014).
































