„Антолог“ го објави македонскиот превод на романот „Дрвеници“ од современата хрватска писателка Мартина Видаиќ, во превод на македонски јазик на Ѓорѓи Крстевски, суптилна и длабоко човечка проза што се движи по рабовите на личната загуба, сеќавањето и просторот во кој живееме и кој нè обликува. Романот е добитник на наградата за литература на Европската Унија за 2023 година.
Во фокусот е младата архитектка Горана Храбров, која се справува со смртта на својот партнер преку пишување писмо до некој што таа го именува како „Студена“, напуштајќи го изнајмениот стан во загрепската населба Медвешчак и започнувајќи тивко талкање низ градот. Со исклучително прецизно и чувствително писмо, Видаиќ ги доловува деталите од физичкиот простор – куќи, улици, ентериери – но и од внатрешните пејзажи на своите ликови. Судбините се прикажани преку ситни, речиси незабележливи исечоци од секојдневието, во кои се кријат најдлабоките пукнатини. Вештината со која авторката ја води својата хероина во реконструирањето на урнатата куќа на нејзиното семејство, под чија тежина и тајни се одвива и потрагата по сопственото јас, го вбројува „Дрвеници“ меѓу врвните остварувања на современиот хрватски роман. Од загубата на саканиот до распадот на домот, Видаиќ го поставува суштинското прашање како да го уредиме сопствениот свет без да нè повреди.
Мартина Видаиќ (1986) е хрватска писателка и поетеса. Родена е во Задар, каде што дипломирала кроатистика. Со својата прва поетска збирка во 2011 година ја освоила високата поетска награда „Горан за млад поет“. Нејзините песни се објавени во повеќе домашни и меѓународни антологии. Во 2019 година го објавила својот прв роман. Добитничка е и на наградата „Јанко Полиќ Камов“ (2021) за поетско-прозната книга „Плоштад, продавница, нож“, како и на наградата за литература на Европската Унија за романот „Дрвеници“ во 2023 година.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“, во рамките на Креативна Европа на Европската Унија – потпрограма „Култура“ и на Министерствата за култура на Македонија.