Деновиве на „Амазон“, „Букшоп.орг“, „Палас маркетплејс“, „Одило“, „КлаудЛајбрари“, „Бороу бокс“ и на други книжевни платформи беше објавена научнофантастичната новела „До_адната книга“ со апсурдистичко-сатирични и експериментални книжевни елементи од Стефан Марковски, која минатата година ја доживеа и својата објава на македонски јазик.
Новелата, со англиски наслов „The Bo®ing Book: A Sci-Fi Satire about the Art of Whatever Meaning Can Be“, има динамично дејство, кое се развива низ повеќенасочна, сложена и нелинеарно структурирана композиција, подлегнувајќи на постојани и тешко предвидливи пресврти, кои освен што ја одразуваат повеќеслојноста на самата реалност, ја наоѓаат својата улога и како дел од експериментот, кој е и централна тема. Една од главните области на овој истражувачки експеримент е развивањето специфични облици на вештачка интелигенција, чија цел, покрај другото, е и проучувањето на досадата, наспроти афинитетите и допаѓањата, со цел подлабинско и посеопфатно разбирање на човекот и човечкото преку уште една негова одлика.
Книгата има 134 страници и е достапна во печатена и во електронска верзија, вклучувајќи тврд и мек повез, како и киндл-формат.