Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт и оваа година ја организираат специјалната новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“.
Се работи за интерактивната претстава, што ќе се одржува секој ден од 20 до 30 декември 2025 на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата – се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.
Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

































