Отворен 58. МТФ „Војдан Чернодрински“
Со доделувањето на наградите за животно дело на актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов и со изведбата на претставата „Хеда Габлер“ на Драмскиот театар во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп започна 58. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, кој до 14 јуни во официјалната програма ќе понуди единаесет претстави во продукција на националните театри. Шест претстави се во официјална конкуренција. Програмата на годинашниот фестивал е обединета под концептот „Ново читање“.
– Мотото на фестивалот е „Промени се, промени сè“. Се решив да го прикажеме тоа што е современо и актуелно, истовремено во корелација со европските театарски трендови. Она што доминира во програмата е потребата да се најдат нови читања на стари теми, истовремено создавајќи поинаков третман на просторот. На македонската театарска продукција како и да ѝ фали сериозно истражување и на современите театарски тенденции, но и на сопствените театарски капацитети – вели Ана Стојаноска, уметничка директорка на фестивалот.
Фестивалот годинава опфаќа две потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“. Во првата потпрограма публиката ќе ги проследи: „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; „Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, продукција на Албанскиот театар – Скопје; „Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип; „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, продукција на ЦК „Антон Панов“ – Струмица.
„Ново читање на класиците“ ќе понуди авангарден пристап во третманот на драмите што се класични/лектирни, а истовремено и потенцијалниот нов момент во третирањето на театарот. Во оваа програма се претставите: „Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Васил Христов, продукција на Драмскиот театар – Скопје; „Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, продукција на ЦК „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес; „Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Македонскиот народен театар; „Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, продукција на Турскиот театар – Скопје; „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Народниот театар – Битола; „Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов, продукција на „Театар Комедија“; „Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, продукција на Театарот за деца и младинци – Скопје.
Во придружната програма се шест претстави. За време на фестивалот ќе се одржи еден ден комплетно посветен на авторот во фокус – Горан Стефановски, на кој ќе се презентираат сите актуелности поврзани со зачувувањето на ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура. Ќе бидат одржани и пет работилници, промоции на повеќе изданија од театарска и театролошка литература од македонски и од странски автори, а ќе бидат активни сите фестивалски зони. За наградите на фестивалот и годинава ќе одлучува тричлено меѓународно жири, во состав: Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево, и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора. Ка.М.