Првата поетска епизода, насловена како „Новите деца во градот“, ќе се одржи в сабота (18 јуни) со почеток во 20.30 часот во кафе-книжарницата „Буква“.
Настанот ќе го модерираат младите поети Ивана Јовановска и Андреј Медиќ Лазаревски.
Публиката ќе има можност да ги чуе стиховите на Павлина Атанасова, Марија Велинова, Благица Трајкоска, Ива Петреска, Софија Тодороска, Андреј Ал-Асади и Сатја Александар Давитков.
„Поетска епизода“ е нов концепт на поетски средби на млади, во обид да се збогатиме културната содржина на градот и да се чита убава поезија.
Секој настан ќе има флуиден карактер и поинаква тема.
Идејата на настанот е младите поети активно да пишуваат, да развиваат интерес за поезијата и да се охрабрат погласно и посмело да читаат.