Во пресрет на годинашното издание на „Струшките вечери на поезијата“, кое ќе се одржи од 22 до 26 август, објавени се плакатот и промотивното видео.
Графичкиот дизајн на плакатот е дело на познатиот графички уметник и дизајнер Енкел Дика од Струга, видеопродукцијата е на „Зоотроп студио“, а музиката е фрагмент од концертот на Аранхуез. Плакатот и промотивното видео го илустрираат мотото на годинешното издание на „Струшките вечери на поезија“ – „Допир на убавината“.
– Мотото на годинешниот фестивал е „Допир на убавината“. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик што му овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на убавината, отелотворена во поезија. Но исто така сакаме да ѝ оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата – се наведува во описот на промотивното видео.