„Ноу бордерс оркестра“, врвен ансамбл составен од музичари од просторите на поранешна Југославија, ќе одржи концерт на 5 септември, со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија, во рамките на својата регионална турнеја „Turning Point“.
„Ноу бордерс оркестра“ (НБО), ансамбл што веќе една деценија ги надминува етничките, религиозните и националните разлики преку музиката, е пример за единство во различноста. Не само што беше крунисан во 2023 година со наградата Шампион на регионална соработка именувана по д-р Ерхард Бусек, која ја доделува Советот за регионална соработка и австриското Министерство за надворешни работи туку го сними и своето прво издание за „Јуниверзал мјузик“ под етикетата „Deutsche Grammophon“, најважната издавачка куќа во светот. Тоа многу зборува за уметничкиот квалитет на овој ансамбл.
Овој настап ќе биде прв настап на овој ансамбл во Македонија. Програмата ќе вклучува некои од најзначајните и најубави дела компонирани за гудачки ансамбл, дела од Арнолд Шенберг, Рихард Штраус и Густав Малер, а програмата ќе вклучува и изведби на четири дела од водечки млади регионални композитори нарачани од „Ноу бордерс оркестра“. Публиката ќе има можност да ги слушне композициите на Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Винче (Хрватска), Марко Никодијевиќ (Србија), а покрај нив, програмата ќе го вклучи и делото на македонската композиторка Дарија Андовска.
– Светот, кој во последните години беше погоден од разни кризи, има потреба од промени на различни нивоа. „Ноу бордерс оркестра“ ја гледа оваа криза како можност и шанса за обединување во борбата за подобар свет. Преку врвна музика и проектот „Turning Point“, НБО нè потсетува дека е можно да се надминат разликите и да се создаде подобар свет преку заедништво. Овој концерт ни дава можност публиката да доживее силна уметничка порака, која нè води кон цивилизација заснована на мир, разбирање и заедничко дејствување – изјавуваат организаторите на концертот.