Норвешката семејна комедија „Викторија мора да замине“ на режисерката Гунбјерг Гунарсдотир премиерно се прикажува во домашните киносали. Филмот, кој е синхронизиран на македонски јазик, е на репертоарот на киното „Милениум“ во Скопје, во термините од 16 часот (сабота) и 18 часот (сабота и недела), а во терминот од 18 часот игра и во Кинотеката во Скопје и во киното „Манаки“ во Битола.
По смртта на нивната мајка, младите и богати брат и сестра Хедвиг и Хенрик мака мачат со новата маќеа Викторија, која постојано воведува нови правила и го зема целото внимание на нивниот татко. Инспирирани од стрип, тие решаваат да ангажираат платен убиец за да се ослободат од нивната напорна маќеа Викторија. За да го решат нивниот проблем, тие му приоѓаат на Карл, имигрант од Босна. Карл првично ги одбива, бидејќи е човек што ги почитува законите. Но, кога тој и неговото семејство ќе се најдат во сериозна финансиска криза, ситуацијата почнува да се менува.
Филмот доби одлични критики во Норвешка, опишан како „најзабавниот филм во последните години“ и „Тарантино за 10-годишници“. Улогите ги толкуваат Ине Мари Вилман, Лео Ајкиќ, Мортен Свартвеит, Агнет Халанд, Миле Софи Рист Далхог, Свер Торнам. Филмот е во дистрибуција на „Катавеј“, со поддршка од Норвешкиот фонд.