Со долг аплауз и стоечки овации, долгоочекуваниот филм „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска беше премиерно прикажан на 81. Венецискиот филмски фестивал во преполната сала „Дарсена“, отворајќи ја престижната селекција „Хоризонти“.
Филмот ја раскажува интимната и драматична приказна за младата Тереза во Калкута, 1948 година, во мигот кога таа чека одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Во главната улога блеска светски познатата актерка Номи Рапас, која ја толкува идната Мајка Тереза како сложена, човечна и противречна личност, исполнета со амбиција, сомнежи и силна жед за слобода.
Актерската екипа ја сочинуваат и Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик, Силивија Хукс како сестра Агнешка, како и Екин Чорапчи, Марајке Пиној и Лабина
Митевска. Сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарaгиќ, додека зад камерата стои наградуваната белгиска директорка на фотографија Виржини Сен-Мартин (SBC).

Првите критики по премиерата во Венеција го оценија „Мајка“ како „смело и современо филмско портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“. Овој исклучителен прием претставува уште еден голем успех за македонската кинематографија.
– „Мајка“ не е класичен биографски филм, туку обид да се прикаже една жена, Мајка Тереза, како сложена, повеќеслојна личност, далеку од клишеата на насмеаната светица. Доаѓајќи од истата земја и град, чувствував длабока поврзаност со историскиот лик и восхит кон нејзината храброст и решителност. Но, се запрашав: Зошто мажите во историјата сме ги претставувале во најразлични светла, славени и во нивното добро и лошо, а жените речиси секогаш еднодимензионално? Со „Мајка“ сакав да дадам нова перспектива и да портретирам женска историска фигура прикажана без идеализации, туку со својата автентична сила, амбиција и противречности. Во таа смисла, „Мајка“ е филм за слободата и за храброста на една жена да биде различна и покрај сите ограничувања на своето време – изјави Теона Стругар Митевска за време на прес-конференцијата на фестивалот.
-Ниедна позиција на светот не исклучува емоција, да сум отец не би се лишил од емоција. Емоцијата е основа на било каква емпатија. Не само емпатија која е полна со наши емоции или емоционални разбирања, туку емпатија која е когнитивна. Многу ми е важно да раскажувам приказни во коишто верувам. И круцијално важно е да бидам еден катализатор на сите овие човечки и женски дилеми – вели Ристановски.
Номи Рапас, пак, рече дека прифаќањето на оваа улога било неверојатен предизвик и патување.
-Со месеци живеев со Мајка во мене, низ многу емоции и внатрешни битки. Се нурнав во нејзиниот свет преку истражувања, читав многу и позитивно и негативно, ги проучував нејзините писма, Библијата и Куранот, се обидував да го разберам времето и местото во кое делувала. Она што го гледате на екранот е мојата Тереза, не копија, туку обид да ја пронајдам вистинската личност зад митот. Соработката со Теона беше апсолутно прекрасна. Имавме искрена и силна врска, работевме без его и ја создадовме нашата Мајка Тереза заедно. Тоа беше двегодишно патување кое ми донесе нови перспективи и длабоко ме збогати – истакна Рапас.


Уште пред премиерата, „Мајка“ беше продаден за кино-дистрибуција во над 15 европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска и Белгија. Од 3 декември, филмот ќе започне со кино-прикажување низ Европа, ретко и извонредно достигнување за македонска продукција.
– Овој извонреден интерес е доказ дека филмот има потенцијал да стане едно од најистакнатите европски остварувања оваа година – истакнуваат од француската агенција „Кинолоџи“ (Kinology), задолжена за светска продажба и дистрибуција.
За македонската публика ќе биде прикажан на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, од 20 до 26 септември во Битола.
– Со оваа премиера, македонската кинематографија уште еднаш направи голем исчекор на светската сцена. Отворени се вратите кон нови можности, а патот кон меѓународен успех е трасиран, не само за филмовите на Теона, туку и за новите млади генерации кои доаѓаат – изјави Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм.
Мајка е копродукција на Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина, во продукција на Лабина Митевска и Себастиен Делое, со извршни продуценти Номи Рапас и Силвија Хукс. Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, Шведскиот филмски институт, Данскиот филмски институт, Центарот за кино на Федерацијата Валонија-Брисел и повеќе европски фондови.