МНТ ЈА ПРОДОЛЖУВА ЈУБИЛЕЈНАТА ПРОСЛАВА СО МЕЃУНАРОДНИ ГОСТУВАЊА

Во чест на првата претстава во Македонскиот народен театар, изведена на 3 април 1945 година, мината година, театарот одбележа 80 години од постоењето. Годинава продолжува со одбележувањето на јубилејот и на 81 година од постоењето. Роденденот на МНТ беше одбележан со македонски сценски спектакл, каде што беше степенувана важноста на ансамблот на МНТ и на претстави од македонски автори, кои оставија достоинствен белег во институцијата.
Годинава, пак, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување – рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот.
Свеченото одбележување на големиот јубилеј на МНТ започнува на 30 март, со стенд-ап шоуто „Шоубиз“ (SHOWBIZ), во изведба на белградскиот и светски познат актер Никола Ѓуричко. Афирмирана фигура во театарот, филмот и телевизијата, чија долга и успешна кариера му го отвори патот до значајни улоги на меѓународната сцена.

Тој долгорочно е поврзан со Југословенското драмско позориште во Белград, каде што беше постојан член на ансамблот уште од 1995 година и каде што реализира голем број успешни театарски улоги, а од крајот на 2019 година живее и работи во Лос Анџелес, САД. Ѓуричко e светски препознатлив и по улогата на Јури во хит-серијата „Стрејџер тингс“, како и во филмот „Ворлд вор З“ и други меѓународни продукции. За неговото стенд-ап шоу вели: „Речиси три години не сум настапувал, па ми недостигаше публиката. Имам многу нов материјал…, тоа се само некои нови животни искуства и сознанија, кои сакам да ги споделам со луѓето“.
Вечерта на 30 март, Ѓуричко најавува вечер исполнета со хумор, анегдоти и со лично сведоштво од меѓународната кариера.
Во продолжение на роденденската програма, на 1 и 3 април на сцената на МНТ ќе гостува Словенечко народно гледалиште – Марибор (СНГ). На 1 април, публиката ќе има ретка можност да ја погледне претставата „Амадеус“, во режија на нашиот познат режисер Александар Поповски, еден од најрелевантните македонски режисери со долгогодишна меѓународна кариера – над 70 театарски претстави низ Европа, вклучувајќи ги Словенија, Италија, Грција, Австрија, Турција, Шведска, Данска, Англија и Германија. Од сезоната 2018/2019, тој е уметнички директор на Драмата во Марибор, каде што ја развива својата режисерска визија и продуцира значајни театарски остварувања.

На 3 април, на сцената на МНТ, гостува СНГ-Марибор, со монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“ – сценско остварување инспирирано од романот „Мариjиниот завет“, омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур.
Финалето на роденденската програма е закажано за 4 април, кога ќе биде изведена претставата „Другата страна“, во продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица, со што дополнително се нагласуваат меѓусебната соработка и културната размена во регионалниот театар.
Со оваа внимателно направена селекција на одбрани сценски остварувања, Македонскиот народен театар ја повикува публиката да учествува во разноликата прослава на уметничката традиција, театарскиот дијалог и на континуитетот на една од најзначајните институции во културата. В.Д.