Под наслов „Внатрешно изобилие“ синоќа во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци беше отворена несекојдневна изложба на скулптури на Александра Богоевска од Прилеп, учесник на меѓународната ликовна колонија „Кавадарци- Михајлово 2023“.
Мермерот и травертинот се преферирани медиуми кај Александра кои и нудат широк опсег на можности за обликување на различни форми, структури и големини. Со своите дела Александра ја акцентира длабоката врска помеѓу природата и внатрешното царство на емоциите . Секое парче изработено од нејзините раце носи специфичен концепт, откривајќи неспорна интеракција и неразделност помеѓу машката и женската животна енергија, нејзината индивидуалност и уникатност. Токму преку овој уметнички израз на личните чуства низ различни тематски контексти таа вешто ја доловува суштината на пораката која сака да ја испрати. Уметничкото истражување на Александра се центрира околу апстрактно-човечката скулптурална форма, домен во кој таа се движи низ соединувањето на формата и материјалите. Негувајќи структура без пластика, таа ги надополнува своите скулптури со чисти линии и асоцијативни карактеристики кои ја разгоруваат фантазијата.
Вертикалната поставеност на нејзините дела , заедно со истакнатите рустикални изрази и акцентот на природната структурална форма на каменот од една страна и измазнетата површина на каменот до прецизно совршенстви од друга страна го подобруваат целокупното визуелно влијание. Дополнително кај одредени дела внатрешните споеви од железна арматура создаваат динамични форми давајќи им на скулптурите надворешни светлосни сензации и трајна визуелна привлечност. Белег на уметноста на Александра Богоеска е нејзината способност да спои две природни креации, човечко суштество и каменот, во кохезивен уметнички израз.
Јана Јанеска Ристески-историчар на уметноста смета дека Александра цврсто се етаблира како член на славната лоза на славните млади прилепски уметници. Преку непоколебливата желба, упорност, посветеност и креативност таа ја отелотворува суштината на талентот кој продолжува да го обликува и збогатува уметничкиот пејзаж на генерациите кои доаѓаат.
Од биографијата на Александра Богоевска значајно е да се напомене дека е дипломирана на Факултетот на ликовна уметност во Скопје на отсекот вајарство- конзервација и реставрација и има реализирано повеќе самостојни изложби како и учество на групни изложби најмногу во Прилеп потоа во Белград, Крагуевац , Куманово и последната во Кавадарци. Нејзина определба како една од ретките жена –скулпор е да биде присутна на сите изложби, ликовни колонии и симпозиуми каде се собираат и изложуваат скулптори од Македонија и регионот.