Рецензија

Од 2 до 10 јуни во Струмица, по четврти пат се одржа „Класика меѓународен фестивал Струмица“, кој понуди богата музичка програма, изведувана од реномирани домашни и странски музичари. По прекрасниот почеток на фестивалот, кој беше отворен со клавирското „Дуо Гелебешеви“, следуваше настапот на несекојдневниот музички состав, гудачкиот квартет „Арте“ од Република Бугарија. Концертот се одржа во фоајето на НУЦК „Антон Панов“. На почетокот, со воведен збор се обрати селекторот на фестивалската програма Васил Атанасов, кој ги поздрави присутните и кажа дека концертот се реализира со поддршка на Бугарскиот културно-информативниот центар во Скопје и ги претстави членовите на квартетот: Десислава Петева – флејта, Демна Гигова – виола, Теодора Атанасова – виолончело и Петја Бaговска – контрабас.
Музичкото патување започна со Квартет во Де-дур за соло-контрабас, флејта, виола и виолончело од Јохан Матијас Шпергер. Во трите става што следуваа беше прикажан целиот тонски и музички дијапазон на контрабасот, со виртуозно исполнети фрази, а флејтата, виолата и виолончелото ја дополнуваа приказната со својата динамична улога. Публиката беше воодушевена и со огромен аплауз ја награди изведбата. Следуваа две дела од Франсоа Девиен, Трио во Де–дур за флејта, виола и виолончело и Концертно дуо за флејта и виола оп. 5, број 1. Флејтата пленеше со својата виртуозност и разигран звук, виолата ја дополнуваше со скокотливи тонови, а виолончелото хармонски ги дополнуваше со своите длабоки тонови, следејќи ја нивната разиграност.
Потоа следуваа два дуета за флејта и контрабас. Првиот од Џовани Фернандини, по аранжман на В. Мирабела, и вториот од Емануеле Педрани, „Quando lei mi chiama“. Необична и музички многу предизвикувачка комбинација, знаејќи ја природата на двата инструмента. Вториот дует, кој е напишан во современ стил од А. Педрани и музички го пресликува секојдневното живеење на брачна двојка музичари, предизвика одличен интерес кај публиката со својот хумористичен карактер.
За крај беше изведено „Танго – Chau Paris“ од Астор Пјацола, во целосен состав на квартетот. Ведрите и топли тонови на тангото ја понесоа публиката, која со својот аплауз на двапати ги враќаше на бис четирите прекрасни дами, кои со „Per una cabeza“ на Карлос Гардел и „Полегнала е Тодора“, бугарска народна песна, аранжмански преработена од Филип Кутев, целосно ги освоија срцата на публиката, која ги награди уметниците со долг аплауз.

втор: Гиго Вета, професор по контрабас