СЕЌАВАЊЕ

Бај Ристо, така го ословував, мојот голем пријател Ристо Стефановски. Ми возвраќаше со бај Кацаров. Го запознав пред триесетина години. Немаше театарска премиера на некои од театрите во Македонија, каде што не ќе се сретневме. По спуштањето на завесите ги споделувавме импресиите од виденото и слушнатото. „Претстава се гледа од 14. ред“ – му велел Илија Џувалековски на Љубиша Георгиевски. Ристо во партерот седеше во друштво со Иван Ивановски. Не знам дали го почитувал правилото на Џувалековски, ама знам дека секогаш беше на страната на претставата. Еднаш театарскиот критичар Иван Ивановски, во дискусија за гледана претстава, му рече: „Тебе, пак, Ристо секоја претстава ти се бендисува.“ Наоѓаше пофални зборови за театарот, зашто му беше во крвта. Ендемски беше поврзан со него. Не помалку го сакаше и животот. А тој, пак, животот како и театарот му возвраќаше со иста мера. Останаа со децении да му бидат верни. Ја симнував шапката пред секој негов податок за театарот. „Е, Кацаров, зарем ти мислиш мене директорувањето ми врвеше како по лој? Водев дневник уште од првото седнување во директорската фотелја. А внатре во дневникот има запишано и колку сум бил ценет и колку ме држеле на нишан, што актерите, што некои други…“ – ќе ми речеше. Јас го гледав како историја што оди. Историјата на македонскиот театар се беше отелотворила во него. Лукавата таа, си нашла голема личност за мегафон.

Сите го сакавме Ристо Стефановски. Никогаш не го видов лут. А кога ќе му дојдеше да каже за некого нешто лошо, само ќе одмавнеше со раката и толку. Дружбата со него ни беше празник. Се сеќавам, во еден од хотелите во Прилеп (не беше „Липа“) за време фестивалот „Војдан Чернодрински“, Ристо Стефановски покажа физичка слабост. Токму кога разговорот (на темата театар) зовре, се крена на нозе и киниса на спиење. По кратко време, без Ристо бевме како разоружани воини и ние добивме желба да се повлечеме во хотелските „дувла“. Пред да тргнеме, ете ти го кај иде, во пижами, бос по бели чорапи. „Со кое добро бај Ристо?“ – прашав. „Не е за добро. Сакав само да ви кажам да бидете потивки, барем додека заспијам, ама само што дадов чекор-два во ходникот, зад мене се затвори вратата од собата. Клуч немам. Не знам како назад.“ По пријавата на рецепцијата, проблемот се реши. Ристо Стефановски, неуморниот театарски работник, по краток престој во ходникот, му се препушти на заслужениот одмор. Кога разбрав за смртта негова, како повторно да го гледам збунет пред затворената врата на животот. Овој пат не ќе е потребна ничија интервенција, ширум му се отвора вратата на историјата на македонскиот театар.

Трајче Кацаров