Архитектонските остатоци посочуваат на постоење на мноштво куќи градени од лепеж и глинест малтер, кои во текот од неколку стотици години биле подигнати едни врз други. Во нив се откриени фрагменти од одлично изработена керамика, фигурини, жртвеници, модели на куќи
Неодамна беше публикуван научен труд за археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно. Трудот поврзан со минатогодишното истражување на овој предисториски локалитет е публикуван во списанието „Патримониум“. Во него се сумирани резултатите од мултидисциплинарните истражувања, кои се дел од континуираната соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Заводот и музеј – Битола, а во кои учествуваат врвни стручњаци и студенти од Универзитетот во Базел, Германскиот археолошки институт, Универзитетот во Белград, универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и универзитетот „Гоце Делчев“.
– Трудот е концентриран на извонредните сознанија добиени од првите мултидисциплинарни проучувања на неолитската населба Влахо кај Живојно, а на која се вршеа ископување, систематско рекогносцирање, археоботанички, археозоолошки и радиокарбон-анализи. Истражувањата потврдија дека станува збор за една од најголемите неолитски населби во Македонија, во која се живеело пред околу 8.000 години, и тоа во долг континуитет, што го покажуваат и повеќето архитектонски слоеви – велат авторите.
Архитектонските остатоци посочуваат на постоење на мноштво куќи градени од лепеж и глинест малтер, кои во текот од неколку стотици години биле подигнати едни врз други, и тоа во најмалку седум фази. Во нив се откриени фрагменти од одлично изработена керамика, декорирана со бело сликани орнаменти, како и фигурини, жртвеници, модели на куќи и повеќе видови камени и коскени алатки. Тие упатуваат на динамичниот економски и духовен живот на едни од првите земјоделски популации што ја населиле Пелагонија околу 6000 години пред нашата ера Тоа го потврдуваат и многубројните органски остатоци, кои се резултат на консумирањето разни житарки и шумски плодови, како и на исхраната со домашни и диви животни.
Со публикувањето на овој труд се афирмираат исклучително ретките сознанија за неолитските населби во падините на пелагониските планини. Наедно, овој труд претставува и обид да се презентира и популаризира непознатото предисториско културно наследство во Македонија, а кое изобилува со уникатни уметнички и технички одблесоци.