Љупчо Јолевски

ИНТЕРВЈУ

Кирил Кузманов – саксофон, Ади Имери – гитара, Филип Димишковски – клавијатури, Драган Стојковски – бас-гитара и Гоце Наумов – тапани се актуелната инкарнација на „Некст ту сајленс“, дружината што во изминатава декада и половина некако нѐ навикна секој нејзин јавен исчекор да го следиме со нагласено љубопитство и да ѝ се радуваме на звуковноста што ја изнедрува од сопствените потраги и искуства. Тие деновиве, како 52. издание под етикетата „СЏФ рекордс“, го обнародија својот втор албум „Рух“, чија концертна промоција се случи на првата вечер на 43. „Скопски џез-фестивал“.
Во какво расположение ве најдоа најавените настани, имавте ли простор да му се израдувате на ваквиот тек на работите и што е она што сега ве вози?
– Најчесто Филип нè вози, зашто тој е посовесен возач од другите во бендот, а има и најрепрезентативна фризура од сите нас. Поради неа и сме во постојано добро расположение, така што во тој дух ги сведочиме новостите поврзани со „Некст ту сајленс“. Многу му се радуваме на албумот, како во процесот на создавање и снимање така и сега, при неговото промовирање и изведување. Особено сме почестени што „СЏФ рекордс“ повторно издава наш албум.
Каква е предисторијата на настанокот на „Рух“, која беше мислата што притоа ве водеше? Каде дофрлавте со неа во иднината?
– Секое досегнување по иднината започнува со чекорење кон предисторијата. Метафизичниот џез-музичар Чарлс Лојд во една пригода рече „за да се истрела една стрела напред, истата таа треба на лакот да се повлече назад, односно за да дојдете до иднината, треба да се вратите во минатото“. Тоа го правиме и ние на некој начин со нашиот албум „Рух“. Тој така е именуван во чест на нашиот драг Гроби, чие присуство сакавме да го просееме низ музиката на албумот. На некој метафоричен начин како што и Озирис беше расеан по смртта низ земјата и потоа прероден во билки, така и ние сакавме музичкиот дух на Гроби да го трансформираме во друга звучна димензија. Притоа немавме намера тоа да го направиме преку мелодраматики и хвалоспеви, туку со поинтимен музички однос меѓу нас и неговиот дух, а што е видно инкорпорирано во името на албумот, но и во имињата на некои од композициите. Секако, во целиот тој процес имавме стремеж и кон еден поинаков звук, бидејќи ниту сакавме да го имитираме тоа што сме го свиреле со Гроби ниту, пак, би можеле да го достигнеме тоа, затоа што тој имаше специфичен тон и емоција, кои никако не можат да се репродуцираат. Исто така, со самото присуство на други музичари последователно се менува и звукот на групата, нормално доколку таа има таква намера. Ади е долгогодишен наш музички побратим, кој долго време свиреше со „Некст ту сајленс“ и неретко заедно со Гроби ги вкрстуваа нивните величествени солажи. Неговото повторно присуство во бендот, како и неверојатната моќ да го приспособува карактерот на гитарата, внесоа друга димензија во музиката. Кире е дефинитивно допрен од џезерската севишност и со неговата маестралност ја заплови оваа друга димензија во модално пространство. Може само да замислите кон каде стрелаат неговите солажи и каде го насочуваат тие остатокот од бендот. Навистина е привилегија да се твори и свири со нив и сета музика да се испреплетува со звуковната стаменост и префинетата музичка онтологија на преостанатите членови на бендот. Затоа и некако лесно се создаде „Рух“, без многу паламудење, дрндање и идеологизирање, туку со љубопитство и волност за истражување.
Албумот ги има сите нишани на потребата да се биде свој и слободен во време на изместени поимања и стеги. Тоа ли е патеката што во времево пред нас ќе ве држи заедно и ќе ве насочува во средбите со публиката?
– Во најавата за нашиот настап на годинашниот „Скопски џез-фестивал“ беше посочено дека „Некст ту сајленс“ нема насока, но има правец. И навистина е така. Ние немаме предетерминиран однос кон музиката, туку единствено гледаме да не бидеме монотони во изразот. Кога креираме музика доаѓаме со мелодиски и ритмички скици и потоа ги зајакнуваме хармонски и структурално. Затоа и овој албум значително се разликува од претходниот, бидејќи гледаме музиката да ја однесеме во друг правец и да ја облагородиме со поинаква емоција и музичка реторика. Веројатно поради тоа во следниот албум ќе звучиме сосема поинаку, колку и да не сакаме така да биде тоа. Не патиме од фрустрацијата да бидеме свои или оригинални, затоа што знаеме дека сите посебно имаме индивидуален карактер, кој станува уште поавтентичен кога ќе се соедини во една целина. Со самото тоа, ослободени од артизански принципи или од некакви наметнати музичко-социјални традиции, ние сме такви какви што нѐ препознаваат. Притоа, кај повеќето членови во бендот има силно едукативно ткиво, дисциплина и знаење, па она што произлегува како музика воопшто не е случаен резултат, туку стабилно изграден корпус.
Иако живееме во време и на простор каде што се измешани лончињата и планирањето на некаква агенда за дејствување во пошироки рамки е речиси невозможно, имате ли одредени најави за концерти и настапи на фестивалите во регионот, Европа…?
– Ние уживаме во свирење на лончиња, а на тој начин некои од нас и почнаа со музика во детството. Па, некако доследни сме на оваа реална и метафорична практика и немаме баш некој проблем кога лончињата ќе се измешаат. Брзо се снаоѓаме и знаеме преку свирење да ја претвориме нивната растуреност во мелодија и(ли) ритам. Во таа смисла и нашиот однос кон измешаните лончиња во музичката индустрија е идентичен. Наполно сме свесни што се случува, без кукање ја приспособуваме нашата природа на тековната состојба и едриме онака како што ќе се поставиме ние и ветровите. Па, кога ќе почувствуваме дека треба да запловиме низ поширок простор, знаеме како да ги нагодиме кормилата. Сега просторот во кој се движиме ни дари прекрасни искуства и комуникација со искрена публика и навистина уживаме во таа непретенциозна пријатност. „Скопскиот џез-фестивал“ е едно од морињата во кои сакаме да пловиме и нуркаме, така што сега нашите едра беа насочени натаму. Веруваме дека бивањето во водите на овој фестивал ќе ни донесе нови наутички искуства, а кои не исклучуваат и ангажирање на нашите подморници во иднина. Нашиот Наутилус и тоа како е подготвен и со радост ќе ја обиколиме Атлантида само за да откриеме нови светови. Доколку се и тие подготвени за нас, тогаш со радост ќе зачекориме во нив и ќе ги обвиеме со нашата музика.
Од снимањето на „Рух“ до промотивните активности помина пристоен временски период. Што се случуваше во меѓувреме?
– Ние сме контемплативен бенд без амбиции да ита во корпоративните трки. Знаеме колку ни е долга чергата и толку ќе ги испружиме нозете, или пак ќе ги собереме во лотус-позиција за да го промислиме своето место, а и да оставиме простор и други да седнат на чергата. Секако, претходно си ги миеме стапалата, затоа што покрај тоа што е чин на лична хигиена, исто така тоа е укажување почит и кон оние што се со нас на чергата или се наоѓаат во просторот каде што таа е распослана. Затоа и не брзавме со издавањето на албумот. Иако е снимен пред повеќе од една година, не сакавме по секоја цена да го расееме низ скромните полиња на македонската џез-сцена. Требаше да им се остави простор на други, бидејќи имаше одлични изданија на наши музичари и групи, кои требаше публиката да ги слушне и да ужива во нив. Исто така сакавме да ѝ дадеме и малку дистанца на музиката во „Рух“ и да видиме дали сме допреле нешто со неа. Ја слушавме во неколку наврати во студиото „Алшар“, каде што ја снимавме, и во секоја од тие пригоди се воодушевувавме на некои елементи од музиката, па дури и на последното преслушување пред да го дадеме конечниот микс за подготвувањето на цедето. Тоа е добар знак дека музиката е таму каде што треба да биде и навистина го изразува она што сме сакале да го кажеме преку неа. Во меѓувреме свиревме дел од композициите на некои од нашите настапи и видовме дека мошне темелно комуницираме со нив и по нивното снимање. Се ежевме додека ги изведувавме, што беше доволен показател дека имаме цврсти композиции, кои треба да ги споделиме во форма на албум. Потоа „Скопскиот џез-фестивал“ ни излезе во пресрет и го застапи издавањето на нашиот албум, со што неверојатно многу придонесува во неговата промоција и доближување до многу поширока публика. Дали на неа ќе ѝ се допадне она на кое ние се ежиме останува да се види во наредниот период, иако веќе има слушатели што ни доаѓаат на настапите и кои знаеме дека се еднакво возбудени и дури ги пеат мелодиите заедно со нас. За нив вреди да се плови, дури и по бурни мориња.
Мнозина сме подготвени да тврдиме дека во земјава има шаренолика вибрантна џез-сцена што допрва треба да го стори својот интернационален исчекор. Но што ни недостига?
– Македонија навистина има плодна почва, како за патлиџани, праски и грозје, така и за џез. Сѐ додека има некој што ќе сади ќе има и плодови, а, за среќа, има сѐ повеќе земјоделци, односно џезоделци, кои неуморно ораат и садат. И никој од овие џезоделци не живее единствено од својата музика, а нивниот број сѐ повеќе се зголемува од година на година и покрај тоа што сите се свесни за стопанскиот есап. Тоа само ја потврдува магичната вековна формула, која, за среќа, е вткаена и меѓу џезоделците, а тоа се ентузијазмот и фанатичната посветеност. Тоа е суштинска практика за вековното одржување на светот и присутна е кај јогините, средновековните монаси, родољубите преродбеници, борбените комити и партизани, авангардните њујоршки џезери и кај мајките, кои раѓаат и растат деца дури и во невозможни услови. Благодарение на практикувањето ваква вештина без пазарен есап и чистата љубов кон музичката рожба, се создава неверојатна сцена во Македонија, во времиња кога и воопшто нема инфраструктура за сцена. Освен фестивалите што ги набројавте погоре (и кои се вистински благослов за нашата средина), не постои ништо друго во земјава што ќе го одржува џезерскиот еснаф во живот. И она што неодамна се институционализира, сведочевме како веднаш беше сатанизирано од повеќе (не)културни сфери во државата. Така што ентузијазмот и независноста се круцијалната компонента во оваа земја за да се одржи рафинирана есенцијалност на џезот. Така ние функционираме ментално како заедница и тоа е модусот што нѐ одржува, односно опстојување преку копнеж и напрегање. Комфорот очигледно нѐ распекмезува и гледаме како креативци и колективитети омекнуваат штом ќе станат државни миленичиња. Можеби ваквата состојба на немање џез-инфраструктура (со мноштво фестивали, клубови, културни центри и менаџери) е најдобра за Македонија и за одржувањето на независна џез-сцена. Секој ред и реализиран идеал веројатно би нѐ претвориле во опортунисти и во создавачи/изведувачи на питок површен џез. Ваквата состојба веројатно му одговара најмногу на нашиот ментален модус и, видете, колку е таа полоша толку повеќе џезери има. Прашање е дали нема да ја изгубиме оваа возбудлива есенција на џезот ако нештата профункционираат и се доведат „во ред“?
Конечно, како ја проектирате својата иднина?
– Проектирањето им го оставаме на оние што се занимаваат со проекти, проектили и видеопроекции. Ние не ја перципираме средината како лагодна или нелагодна. Таа е таква каква што е и ние интерактираме со неа и во неа го инкарнираме нашето семе. Неа не ја разбираме како добра или лоша или како пријатна или вознемирувачка. Ја гледаме како единствен простор во кој придонесуваме со нашето творење, и тоа е она што ни е најбитно. Средината како поим и простор ја разбираме токму низ таоистичките принципи на средишниот пат и преземањето акција без намера. Сѐ додека имаме со што да придонесеме, дотогаш ќе создаваме, притоа неоптоварени од идејата да бидеме постојано актуелни, сеприсутни или успешни. Она што го имаме, тогаш кога го имаме, го ставаме на јавниот олтар од кој може сите да се причестат. Сега го имаме „Рух“ и безрезервно го споделуваме со сите оние што се необременети со нашето постоење. Со него сега ги сееме нивите и плодните почви на македонската култура, а колку ќе созреат неговите плодови и колку со нив ќе се храниме зависи од сите нас.