Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со амбасадите на земјите членки на Меѓународната организација на франкофонијата (Грција, Бугарија, Швајцарија, Романија, Македонија, Албанија, Белгија, Франција и Канада) и годинава ја организираат традиционалната Недела на франкофонскиот филм, која ќе се одржува од денеска до 30 јуни во Кинотеката на Македонија.
Манифестацијата ќе започне вечерва во 20 ч., во Кинотеката на Македонија, со проекцијата на филмот „Ривиера“ на Орфеас Перецис, во француска и грчка копродукција. Настанот ќе го отворат Кристина Василату, вршителка на должност во Амбасадата на Грција, и Иго Бештел, директор на Францускиот институт во Скопје и советник за култура и соработка во Амбасадата на Франција.
Утре е проекцијата на „Странецот“ на Ники Илиев, во организација на Амбасадата на Бугарија и Бугарскиот културно-информативен центар; на 25 јуни ќе го видиме „Куче на суд“ на Летисија Дош, во организација на Амбасадата на Швајцарија; на 26 јуни – „Таа Нова година што никогаш не дојде“, на Богдан Мурешану, во организација на Амбасадата на Романија; на 27 јуни од 18 ч. е проекцијата на „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец, во организација на Кинотеката на Македонија; на 27 јуни, од 20 ч., „Слогани“ на Ѓерѓ Џувани, во организација на Амбасадата на Албанија; на 28 март, од 18 ч., „Свршеницата на поетот“ на Јоланда Моро, во организација на Амбасадата на Белгија во Софија; и на 28 јуни, од 20 ч., „Вашите лица секогаш ќе ми бидат пред очи“, петкратен добитник на наградите „цезар“, на Жана Ери, во организација на Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција;
На 30 јуни е затворањето на Неделата на франкофонскиот филм, со проекција на филмот „Ру“ на Шарл-Оливие Мишо, во организација на Амбасадата на Канада во Белград.
Сите филмови се со превод на македонски јазик, а за некои од филмовите од нефранкофонско говорно подрачје е обезбеден и превод на француски јазик.