Александра Кузман, докторира на една тема што не е толку често застапувана во нашите современи простори. Нејзиниот докторски труд е посветен на македонската чалгија. Изданието се фокусира на една исклучително убава македонска градска музичка традиција што го збогатила целокупниот културен живот во македонските градски средини, најмногу во 19 и 20 век

Александра Кузман, етномузиколог, музички изведувач

Не толку одамна, пред само две години, македонската музичка наука доби уште еден значаен теоретичар од областа на музиката – Александра Кузман, која докторира на една тема што не е толку често застапувана во нашите современи простори. Објавувањето на еден дел од нејзиниот индивидуален докторски труд „Македонската чалгија“ ќе го потврди тоа најевидентно покажувајќи ја нејзината подготвеност да говори за ова прашање многу авторитарно и со подготовка што прилега на нејзината титула. Таа дипломирала во 2009 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на Катедрата за музичка теорија и педагогија, а вториот циклус студии ги продолжила на истиот факултет, оддел етномузикологија. Докторирала во 2019 година завршувајќи го третиот циклус студии (културолошки студии) на Институтот за македонска литература во Скопје. Од 2013 година до актуелниов момент работи во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје во Одделот за етномузикологија и етнокореологија.
Богатото традиционално и културно наследство во Македонија е веќе одамна простор и место каде што наши научници не само што ги запираат своите истражувачки интереси туку се обидуваат и да создаваат нови позначајни вредности, секогаш потпирајќи се на основната матрица на која се впишани историски и со векови сите значајни факти за нашата музичка традиција. Токму тоа е и причината што Александра Кузман својот севкупен творечки живот го посвети на ова музичко поле, не само со проширување и потврдување на теоретските знаења туку и самата учествувајќи во нејзиното творење.

Секоја научна работа, без оглед на тоа за која наука се работи, умее да ја вовлече секоја личност толку длабоко во себе што најчесто се пренебрегнуваат сите други животни потреби и активности. На кој начин успеваш да го направиш балансот меѓу истражувачката работа, изведувањето на музиката што си ја одбрала и секојдневниот работен живот? Затоа што од објавениот труд може да се забележи дека за да можеш да направиш едно толку исцрпно дело, сепак биле неопходни неколку години трпелива работа во истражување документи, артефакти и материјали што ќе ти ги надополнат од една страна конкретните знаења, но и ќе овозможат создавање на едно толку исцрпно дело за чалгиската музика воопшто.
– Изданието посветено на македонската чалгија всушност е еден дел од мојот докторски труд, кој пред сè се фокусира на една исклучително убава македонска градска музичка традиција што го збогатила целокупниот културен живот во македонските градски средини, најмногу во 19 и 20 век. Со оглед на тоа што некогашните мајстори, главните носители на чалгиската традиција, како што се велешкиот Ало Тончов, охридскиот Климе Садило и многу други, одамна не се меѓу нас, истражувањето ме втурна кон длабински „ископувања“ низ архивите, при што главниот извор ми беше навистина богатата архива на Институтот во кој работам. Беа потребни долготрајни преслушувања на магнетофонските ленти, коишто содржеа, за мене, енормно вредни податоци поврзани со чалгијата, бидејќи тоа е нешто што денес веќе не може да се слушне и доживее во онаква форма каква што била некогаш. Вистинскиот баланс секогаш може да се постигне кога ја сакаш работата што е твоја животна определба и кога таа е дополнување на она што тебе ти е пасија. Во мојот случај, теоријата и праксата се тесно поврзани, го практикувам/свирам она во коешто сум заљубена, а истото тоа го истражувам и од еден теоретски аспект.

Иако во музичките кругови одамна си позната како активен член изведувач на виолина во веќе култната група „Чалгија саунд систем“, она што мене лично ме мотивира да поразговарам отворено со тебе, интересно е да се знае кои се вистинските пориви да се направи едно толку исцрпно и значајно дело со кое ќе се овековечат не само сите нејзини претходни создавачи на помали и поголеми дела туку и севкупното знаење за чалгијата и чалгиската традиција кај нас, и тоа да се обедини во едно единствено дело. Значајно дело што секако заслужува посебно внимание, особено од страна на твоите колеги и еднакво познавачи на оваа тема.

– Ви благодарам за убавите зборови насочени кон она што е мое поле на интерес – за мене преубавата – а верувам и за други – чалгиска музика, бидејќи денес навистина е исклучително вредно да се чуе понекој убав збор за нечија работна активност, со оглед на секојдневните грижи на секој еден од нас. Ова издание е само едно пишано дополнување на нешто што за мене од 2006 година се претвори во главна секојдневна преокупација. Ја спомнувам оваа година како навистина многу значајна, бидејќи тогаш имав привилегија да бидам дел од семинарот за чалгија „Бадијалџи или бидичалги“ (во организација на оркестарот „Пеце Атанасовски“ и издавачката куќа „Профундус“), кој ја постави и запечати линијата на движење на мојот интерес и пасија. Како резултат на тој семинар, во 2008 година се формираше групата „Чалгија саунд систем“, во која, со огромна љубов кажувам, е гордост и привилегија да бидеш член. Таа пасија негувана во студиото каде што ги одржуваме нашите проби, по кои следуваат и многубројните настапи, е вистинскиот порив да се истражува една ваква прекрасна музика, вистински репрезент на нашето македонско градско минато, па тоа и да резултира со печатено издание посветено на таа музика.

Која беше основната идеја и муза водилка што те воведе во овие за нас толку значајни води на музичко творење? Дали постоеше некоја внатрешна сила, некој голем мотиватор што те повикувал и ти ја наметнал идејата, ако го посветуваш на нешто животот, тоа да биде пред сè чалгиската музика? Затоа што повеќето од твои другари, пријатели и јавноста те знаат како извонреден музички изведувач на виолина…
– Човекот што кај мене ја изнедри љубовта кон виолината е мојот, неодамна починат, но бескрајно драг наставник по виолина – Методија Баракоски-Менде. Тој ме водеше во осознавањето на мојот детски музички свет, што ме наведе моите средношколски денови да ги поминам во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, повторно со виолината во рака. Патем се појавија уште многу драги луѓе што придонесоа кон градењето на мојата личност и кон растежот во од со музиката. Но, во еден момент, во една за мене животна раскрсница, кога требаше да одлучам каде ќе чекорам понатаму, дали ќе ја продолжам мојата детска замисла професионално да се занимавам со класичната музика или да тргнам по сосема нов пат, по еден разговор со мојот татко решив да се појавам на еден настап во некогашното кафуле „Медиум“ кај Домот на АРМ, на групата „Калдрма“, која денес веќе не постои. Кратко членував во таа група, која тогаш значеше откривање еден нов, сосема различен музички свет, па од тој момент, сите коцки решија да се постават така, за во 2006 година да бидам дел од семинарот за чалгија што го спомнав, а во 2008 година да се оформи и групата „Чалгија саунд систем“, која посветено ја негува македонската чалгија во еден современ културен контекст.
Но македонската музичка јавност, особено оние што го следат твоето севкупно присуство во музичките кругови, еднакво знае дека ти беше музички изведувач и во уште една музичка група со сосема поинаква ориентација и многу посовремени можности, говориме за „Стринг форсис“. Како еден музичар изведувач ги балансира своите изразувачки потреби за да биде еднакво добар и во современата и во традиционалната музика, кои понекогаш ги ставаат во дилема и самите изведувачи. Дали во таквите случаи се работи исклучиво за дарбата на изведувачот (ти како виолинистка) и неговата способност да се вклопи во музичката матрица што се следи или, пак, постојат некои посебни правила што еднакво мора да се учат и да се знаат?
– Во еден дел од творештвото на „Стринг форсис“, сепак суптилно, дискретно се чувствува инспирацијата, односно допирните точки со чалгијата, иако станува збор за комплетно авторски бенд што со себе носи еден уникатен безвременски звук, препознатлив за урбаното живеење на овие простори. Кога размислувам за постигнувањето баланс меѓу најмалку две нешта, секогаш ми доаѓа спротивставувањето на ставовите, дека – „не си музичар ако не си 24 часа со музиката“ или „не си научник ако не си 24 часа со науката“ и слични вакви, по мене, обременувачки ставови. Сметам дека животот го исполнуваат многу различни нешта и токму збирот на тие нешта го прави животот убав. Па, дури, и потешките емотивни ситуации или некои одредени негативни појави се тука за да те научат тебе нешто, како човек. А постоењето на овие две музички групи во моето музичко секојдневие е едно од нештата што му даваат смисла на мојот живот. Станува збор за две прекрасни музички групи со прекрасни и различни, по карактер, луѓе. Секој со своите внатрешни мисли, борби, грижи, но луѓе што одлучиле во еден дел од денот, месецот, годината да споделат заеднички музички мисли и емоции на многубројните проби во студиото во Мимоец, а потоа и на сцената. Убави се тие средби на различностите, а она што најмногу спојува и балансира се огромната љубов и ентузијазам на сите нас кон музиката и кон споделувањето на тие заеднички музички моменти.

По вака успешните години минати исклучиво во музиката и можностите што може да ги отвора музичкиот творечки свет, дали во тебе се јавува некоја конкретна желба за проширување на твоите сфери на интерес? Какви се следните планови на Александра Кузман за понатамошниот севкупен творечки напредок или со докторатот се заокружи и се затвори една многу значајна страница од овој дел од животот?
– Докторатот е само еден од почетните чекори кон моите истражувачки интереси. Ако реков дека изданието што го спомнуваме е само еден дел, она што следува е намерата да излезе и вториот дел, кој се однесува на етномузиколошките аспекти и карактеристики на самиот звук на чалгијата, но и третиот дел, кој се однесува на современата состојба на чалгијата. Во моментов моите интереси, освен што со душа ги чекам нашите проби и настапи, се насочени и кон откривање на процесите и механизмите за заштита на нематеријалното културно наследство во кое чалгијата како значајно културно добро го зема главниот збор и кон дигитализацијата на архивските аудиоматеријали поврзани со истото тоа, како еден од механизмите за заштита и зачувување на еден дел од нашето преубаво македонско културно наследство – македонската чалгија.

Билјана З. Билјановска