Рецензија

На годинашното четврто издание на фестивалот на камерна музика „Класика меѓународен фестивал Струмица“, 2025 година, фоајето на НУЦК „Антон Панов“ беше исполнето до последно место и имавме чест да го проследиме настапот на познатото наше дуо-пијано Катерина Гелебешева Костадиновска и Глигор Гелебешев. Овие двајца наши извонредните пијанисти изведоа програма од железниот репертоар за дуо-пијано и со задоволство ја проследивме изведбата на дела од четворица великани на светската музичка сцена, Супе, Вагнер, Росини и Рахманинов.
Првиот дел на концертот започна со изведба на три познати увертири, кои всушност во оригинал се за симфониски оркестар и често се на репертоарот на речиси сите оркестри, а сега за дуо-пијано. Концертот започна со увертирата кон операта „Поетот и селанецот“ од Франц фон Супе – дело што се одликува со ведар карактер, динамична структура и веднаш препознатлива мелодија што често се користи и во филмската уметност со јасна концепција и динамички нијанси.
Потоа ја слушнавме моќната и драматична увертира кон операта „Танхојзер“ од Рихард Вагнер, која во оригинал е за голем грандиозен оркестар, а сега беше аранжирано за дуо-пијано – четворорачна изведба. Во ова дело, Вагнер ја изразува борбата меѓу духовното и телесното, преку длабока музичка симболика и богата хармонска палета, а местата на грандиозна звучност типично за Вагнеровите дела дуото „Гелебешеви“ го оствари на најдобар можен начин.

Следуваше увертирата кон „Крадливата страчка“ од Џоакино Росини, предвесникот на класичниот период и еден од најистакнатите композитори на тоа време, која често ја изведуваат симфониските и филхармониски оркестри. Тоа е музика исполнета со живост, ритмички контрасти и препознатлива мелодиска духовитост, која совршено ги доловува драмата и хуморот на самата опера. Дуото „Гелебешеви“ ги исполни брзите мелодични делници со голема прецизност и виртуозност, за што беше наградено со громогласни аплаузи од присутната публика.
Во вториот дел од концертот беа изведени шесте пиеси опус 11 од Сергеј Рахманинов: „Баркарола“, „Скерцо“, „Руска тема“, „Валс“, „Романса“ и „Слава“. Овие дела се создадени во неговата рана фаза, но веќе ги откриваат длабочината, емоционалната интензивност и виртуозноста што го карактеризираат неговиот подоцнежен стил. Во ова дело од Рахманинов во целост бевме преокупирани од руските теми и мелодии, кои на мајсторски начин ги обликувал во прекрасни композиции за дуо-пијано, каде што го потврдува романтичарскиот дух во неговото творештво, мајсторски оформено за четворорачно пијано.
Звучниот свет што ни го понудија Катерина Гелебешева Костадиновска и Глигор Гелебешеви беше со уметничка емоционалност од двајцата пијанисти и претставува еден буен и чист звучен пејзаж, кој патува низ големиот музички космос во нештата што се идеално подредени, настапот беше исполнет со музичка магија.

Ана Тимова