Меѓународна конференција на Институтот за македонска литература
На Институтот за македонска литература при УКИМ ќе се одржи меѓународната конференција „Европската рута на Светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско“, како дел од програмата „Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј“ на Советот на Европа. Свеченото отвoрање и работниот дел ќе се одржат во амфитеатарот на ИМЈ „Крсте Мисирков“ во Скопје, утре (вторник), со почеток во 10 часот, а конференцијата ќе продолжи в среда.
Мартина Јанохова, проект-менаџерка, ќе зборува на темата „Развојот на рутата на Кирил и Методиј како културна рута на Советот на Европа“. Во трудот ќе се изврши процена на развојот на рутата на Кирил и Методиј од нејзините почетоци до денес од перспективата на член на Постојаниот секретаријат и поранешен директор на меѓународната асоцијација „Европска културна рута на светите Кирил и Методиј“, основана во Злин, Република Чешка, во 2013 година. Во него се обработуваат темата и значењето на сертифицираната културна рута и се изложуваат основните информации за културните рути во рамките на Програмата на Советот на Европа. На крајот ќе биде претставена кирилометодиевската рута како туристички производ.
Маја Јакимовска-Тошиќ (Институт за македонска литература) ќе се претстави со реферат „Кирилометодиевското наследство на Скопје и Скопско како културно-историски локалитет и туристичка дестинација“.
– Кирилометодиевското наследство на Скопје и Скопско го согледуваме како археолошки, историографски и културолошки феномен, што во студијата го поставуваме за разгледување од аспект на научни цели, но и во контекст на поширока културна афирмација на нивниот култ. Богатиот комплекс од средновековни сакрални градби во Скопје и Скопско, соборните цркви и нивната улога во духовно-историското милје на градот Скопје: „Св. Богородица“, „Св. Димитрија“, „Св. Климент Охридски“, улогата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и НУБ „Св. Климент Охридски“, како значаен дел и од образовниот систем во Македонија, го потврдуваат големото значење на Скопје како политичка и културна престолнина во етаблирање и креирање на современата претстава за значењето на нивното дело – вели Јакимовска-Тошиќ.
Наташа Аврамовска (Институт за македонска литература) ќе зборува на темата „Глаголицата како поетска и уметничка инспирација“.
– Глаголицата, првото сесловенско писмо, како и ликовите на сесловенските првоучители се постојана инспирација во македонската современа поезија. Најновата поетска книга на К. Ќулавкова, „Небото ми е дома“ (духовна поезија) (2024), годинава наградена со престижната награда „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“, е пример што ја илустрира вековната традиција на култот на сесловенските учители на македонска почва, а наедно и нивната актуелност денес. Предмет на овој труд е третиот циклус песни на оваа стихозбирка „Пофалба на светителите“ што го сочинуваат пет песни од кои три се посветени на Св. Кирил и Методиј и по една на Св. Климент Охридски и Св. Наум Охридски – вели Аврамовска.
Соња Стојменска-Елзесер од Институтот за македонска литература, пак, ќе има реферат на темата „Портретирањето на Св. Кирил и Методиј во современата култура“.
– Исцртувањето на рутата и опсегот на кирилометодиевското влијание во Европа и во светот, меѓу другото, подразбира и имагинирање и визуализација на општествениот контекст и историските фигури од нивното време. Ликовите и карактерите на светите браќа Кирил и Методиј првенствено се меморирани преку претставите во канонските списи и на фреските и иконите, кои ја следат строгата црковна традиција.
Во овој труд не се нотираат многубројните претстави во рамките на канонизираните црковни книжевност и сликарство, кои и денес на македонска почва со големо внимание го негуваат овој култ, туку во фокус се поставени начините на кои двајцата сесловенски просветители се портретираат во современата литература, уметност и медиуми. Вниманието е насочено на неколку примери од македонската современа книжевност (Видое Подгорец, Лазо Каровски, Венко Андоновски), на неколку сликарски и скулпторски дела (Димитар Кондовски, Максим Димановски, Газанфер Бајрам), а се коментираат и нивните претставувања во рамките на телевизиските програми, филмот, стрипот (Миле Топуз), нумизматиката, филателијата и сл. – вели Стојменска-Елзесер.
„Оживување на корените: кирилометодиевското културно наследство во Скопје и неговата улога во современите културни и образовни иницијативи“ е темата на рефератот на Славица Петровска-Ѓорѓевска (Институт за македонска литература).
– Кирилометодиевското културно наследство се издига надвор од историските пресвртници, проникнувајќи во современиот културен и интелектуален пејзаж во македонското општество. Овој труд преку неколку објективи го истражува трајното влијание на Кирил и Методиј врз културниот и образовниот живот во Скопје – најзначајниот културен и образовно-научен центар во Македонија. Притоа, главната цел е да изврши сукцесивна анализа на тоа како нивното влијание продолжува да резонира низ современите иницијативи насочени кон зачувување и ревитализација на нивното наследство. Основната дискусија на овој труд произлегува од историскиот преглед на придонесите на Кирил и Методиј за писменоста и културата, кои денес ги следиме како форма на живо наследство. Истражува како современото општество го интегрира нивното наследство во културни и образовни цели, вклучувајќи фестивали, образовни програми и јавни комеморации – вели Петровска-Ѓорѓевска.
На конференцијата учествуваат и: Славиа Барлиева (Кирилометодиевски истражувачки центар при Бугарската академија на науки), Петар Иванич (Институт за истражување на културното наследство на Константин и Методиј, Факултет за уметности, Универзитет „Константин Филозоф“ во Нитра), Хилда Крамарекова и Мартин Хетенеј (Факултет за природни науки и информатика, Универзитет „Константин Филозоф“ во Нитра), Тереза Заујецова (организација „Нитра – регионална туристичка дестинација“, национален координатор на „Европската рута на Св. Кирил и Методиј“ за Словачка), Цветан Василев (Софиски универзитет „Св. Климент Охридски“), Александар Василески и Катерина Росикопулос (Институт за старословенска култура – Прилеп) и др. В.Д.