Во галеријата „Пионери“ е поставена самостојната изложба на Мила Добревска, со наслов „Наследена носија“. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

„Наследена носија“ го пресликува духот на македонската жена, преточувајќи ги традиционалните вредности во нови обележја на современото однесување. Во овој контекст наследените носии не се само облеката што ја носиме туку и начинот на кој се претставуваме и како другите нè перципираат, одразувајќи ги наследните особини и тенденции што нè прават препознатливи.

Изложбата ѝ се обраќа на помладата генерација како потсетник токму на оние вредности и доблести што остануваат нераскинлив дел од нас: добрина, љубов, критичка свест, истрајност и снаодливост. Овие карактеристики се претставени преку дуалистичка интерпретација на минатото и сегашноста, со споредби, хармонии, испреплетувања, создавајќи нови толкувања и адаптации.

Инспирирана од традиционалната орнаментика и вез, Мила ги преиспитува и приспособува основните елементи на уметноста: боја, линија, површина, форма, материјал и простор, користејќи рачно моделирана цементна маса, површини посипани со стакло и иновативни техники на ткаење и сликање. Наследените вредности се преточуваат во нови форми, кои смело се приклонуваaт кон современиот општествен контекст.