Никола Пијанманов, уметник
Во двата салона „Империјал“ во Културно-информативниот центар во Скопје од 7 до 19 ноември е поставена самостојната изложба „Вечнеење“ на македонскиот академски сликар Никола Пијанманов, која примами голем број вљубеници во ликовната уметност како на самото отворање така и последователно на индивидуалните посети.
Зошто токму „Вечнеење“? Од каде потекна овој наслов и како тој ги поврзува сите дела од изложбата?
– Тоа е неизгаслива жед за вечното, борба со секојдневието и минливото, пркос кон светот што не може да се преобрази, бунт кон објективниот свет што не трансцендентира. Мечтите по вечност и стремежот да се надмине состојбата на слабоста и болеста во кои нѐ држи светов во кој живееме. Верувам дека она највредното во секој човек, најскриеното и најсуштинско нешто е тоа сеќавање на вечноста што човекот го носи во себе, како далечен спомен од Едемската градина. Ако човек поверува дека не е вечен, тогаш е целосно роб на мизеријата на светот, на минливоста. Она чувство кога жедта за бесмртност и мечтаењето по вечност се споени со единствената светлина, љубовта и саможртвувањето, пламенчето на животот…, можеби личи и на халуцинација, можеби и не е реално, можеби е од други светови, но за тоа вреди да се живее…
Што всушност претставува оваа ваша изложба? Во кој период се создаваа делата?
– Оваа изложба е пресек и избор на најзначајните дела што ги создавав изминативе три години. Дел од сликите, а тоа се фигуративните слики, работев на студискиот престој во Париз, дел се од престојот во Њујорк и преостанатите дела што ги создавав во ателјето, дома во директна комуникација со природата, шумите, дрвјата и листовите. Тој конфликт помеѓу градот, предградијата и пределите далеку од градовите, неурбанизирани и немоделирани по мера на човекот, е видлив и е можеби главната композициска ситуација на оваа изложба. Човекот што страда и се мачи низ градовите барајќи ја својата смисла. Човекот што се соочува со длабочината и големината на природата, но се плаши да оствари контакт со неа. Во сликата „Скала“ една фигура, која станала сенка, се искачува по еден огромен објект во форма на зигурат, кој нема крај, кој бескрајно се протегнува до недостижност. Човекот е несразмерно мал во однос на големината на секое скалило одделно и атмосферата е како во кафкијанско мачилиште. Во заднина ги слушам стиховите на Роџер Вотерс – „Добре дојде, мој сине, добре дојде во машината, што сонуваше? Во ред е, ние ќе ти кажеме што да сонуваш!“
Која е заедничката нишка што ги поврзува сликите од „Вечнеење“?
– Би рекол, тоа е човекот. Малиот, слаб човек што се разделува од фамилијата, оној што го напушта домот, човекот што чека во чекалниците на заводите за вработување, човекот во болниците и на паркиралиштата пред приградските фабрики, Адам во пустината и Ева, која го изгубила рајот, па сега во маркетите згрчена седи на касата за наплатување. Човекот заробен во бесконечното чекање и исчекување. Човекот талкач по смрзнатите полиња и патеки во предградијата на провинциските градови, неосветлени, заборавени и напуштени… Човекот што талка под полната месечина, човекот во толпа, а осамен како лист на суво зимско дрво. Напуштените предели и места се само фон низ кој поминува тој човек во атмосфера на едно масовно испраќање и епидемија од разделби. Изложбата ја поврзува една заедничка тема, и во фигуративните слики и во пејзажните композиции. Тоа се осаменоста и кревкоста на човекот, на поединецот, семејството во распаѓање – пред моќта на суровиот либерален свет, каде што парите и брзањето ја газат човечката слобода и личност повеќе од кои било времиња во историјата. Тука се додава бесконечното чекање на човекот во бескрајни транзиции на корумпирани општества и системи. Со години го набљудувам нашиот човек како душевно и телесно е заробен во чекалницата на Европа, во Македонија. Современите Адам, Сизиф, Едгар Алан По, Каин и Авел, Салиери, нашиот вечно Болен Дојчин, Свети Себастијани погодени со стрели во грбот… тие сите страдаат во еден модерен и видно изменет пејзаж на мачењето. Страдањето е обвиткано со целофан и „Девојчето со кибритчиња“ повеќе не е тема со која имаме време да се занимаваме, можеби освен само како лектира во основното училиште. Зад нејзиниот грб стои ѕидот со плакати за најновото издание на „Блек фрајдеј“, каде што сѐ ќе биде на попуст, дури и човечките души. Шутот што седи на престолот имитирајќи владетел, големиот инквизитор што го предупредува Христос да не се враќа повеќе на Земјата, затоа што во овој свет таков каков што е устроен нема повеќе место за него и таквите како него.
Под некои од сликите имате истакнато цитати или стихови. Значи ли тоа дека токму за создавање на делата тие ви биле инспирација и постои ли заемна поврзаност на уметностите во креативниот процес?
– Пред да ја запознаам ликовната уметност како дете, најпрвин јас почнав да читам книги, романи, поезија. Потоа тие станаа органски врзани за градењето на мојата личност. Можеби сликарството го запознав преку убавите корици на старите македонски изданија, кориците на Кондовски, на Спасе Куновски (денешните корици на книги личат на каталози за парфеми и шминки.) Мислам дека со секоја слика раскажувам (се разбира со ликовен јазик што е автономен) по една приказна. Некои луѓе моето сликарство го нарекуваат поетски симболизам. Иако не сакам -изми, ако мора да се избира класификација на тоа што го работам, би го избрал токму тој термин. Најблиску ми е. Можеби затоа толку многу ги сакам поетите симболисти, а некои нивни стихови беа ставени во легендите на изложбата, затоа што тие ми се позначајни и од самата техника што стои во податоците за секое дело. Тоа е екстрат, духовен пигмент со кој се патинира сликата и таа добива друго значење, магиско значење. Овде не зборувам за илустрација, туку за разговор, комуникација со другите уметности.
Во рецензијата за изложбата беше наведено дека станува збор за „новиот Пијанманов“. Колку, всушност, вие се чувствувате како „нов“?
– „Нема ништо ново под сонцето“ – така е како што запиша стариот проповедник. Но, секоја личност на Земјата е нова и неповторлива. Нов во однос на претходните години да, ама по мера на хоризонталниот пат, по ликовниот и техничкиот пат, по мерите на вертикалниот, дури би кажал дека она што сум го начнал, истражил пред дваесет години, уште трае, само што се проширило. Естетиката и посветеноста кон темите се веќе различни од претходно. Минуваме низ страшни потреси на глобален, макро план и тоа се одразува во микросветот. Листот на јасиката се затресува од злосторствата што се случуваат низ светот. Земјотресите што ќе следуваат ќе бидат уште пострашни, ако Земјата не се рестартира во поскоро време, ние неповратно ќе го изгубиме балансот помеѓу нас и природата. Помеѓу алчниот повампирен либерален капитализам и секое живо битие на планетата постои конфликт до истребување. Додека пиеме утринско кафе на овој дел од Земјата, на другата страна од светот со бомби убиваат деца, додека разговараме тука, таму веќе истураат хемиски отпад во реките. Сакам да ги насликам, понекогаш го барам да го видам лицето на тоа зло, да му дадам форма. Иако злото е безлично…
Имате препознатлив печат во вашите дела. Колку успевате да се зачувате себеси како уметник во новата реалност?
– Мислам дека морам да живеам изолирано да го зачувам творечкото, кое мора секојдневно одново и одново да се распалува. Самотијата е значајна за процесот на себеспознавање и креација. Творечкиот израз се губи по патот на социјализација, поточно погрешната социјализација. За препознатливоста, ќе ви кажам дека доаѓа од „неоригиналноста“. Ако по секоја цена ја прогонувате оригиналноста, која е толку популарна во современиот свет, ќе станете клише. А има ли посмешно од неоригиналната оригиналност? Копи-пејст цивилизацијата да зборува и да проповеда оригиналност е тешко лицемерство, а таа пропаганда на безличието е дело на уметничките корпорации што по секоја цена мораат да заработат пари. Современиот уметник е распнат меѓу заработката и дарбата. Ги нема веќе големите култивирани нарачатели на уметнички дела, ги нема аристократските мецени. Затоа што моќта и богатството се концентрирани кај простите олигарси и транзициските мафијаши. Ликовната уметност се справува со уште еден тежок удар на комерцијализацијата, принтот. Не мислам на старата техника – графика, туку на дигиталниот принт на платно, кој како епидемија се шири низ домови, јавни институции и галерии низ светот. Живееме во грд свет, свет на лагата и имитацијата, а кичот стана заштитен знак на потрошувачката филозофија. Има една сцена во филмот на Џулијан Шнабел, филмот за Ван Гог – „Пред портите на вечноста“. Свештеникот оди да прави интервју со уметникот во лудницата, да процени дали е здрав „лудиот сликар“ за да го ослободат. „Кој ве убеди вас дека сте сликар?“, го прашува свештеникот. Ван Гог му одговара: „Бог, но тој ме поставил во погрешно време“. Секое време е погрешно време за уметникот, затоа што уметноста е вечнеење.
К.Р.