Како ги штитиме столбовите на нашата традиција

Македонската пејачка Андријана Јаневска ја промовираше во Горица својата прва книга „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“. Станува збор за нејзиниот докторски труд на кој работеше девет години, а со кој успеа да заштити над 150 македонски народни песни во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, кои, како што вели, соседните држави претходно суптилно, а во последен период јавно почнаа да ги претставуваат како свои.
– Народното творештво претставува еден од најзначајните сегменти во севкупниот материјално-духовен идентитет на македонскиот народ. Истражувањата покажаа дека чувството за јазикот, припадноста и идентитетот никогаш не ги напуштило Македонците од овие региони. Во текот на моите теренски истражувања, но и во многу книги сретнав записи и кажувања како македонскиот фолклор сакаат да го прикажат како туѓ. Македонскиот народ, кој живее во овие три региони, токму преку традиционалните македонски песни, во разни варијанти, е поврзан како еден единствен народ, кој, за жал, во минатото бил разделен – сподели Јаневска, која е доктор на науки во оваа област.

Со иста цел дејствува и фолклорниот ансамбл „Танец“, кој годинава прославува јубилеј под мотото „Танец – 75 години македонски код“ и кој летнава сезона најавува повеќе концерти низ земјава. Утревечер на летната сцена на НУ Завод и музеј – Прилеп ансамблот ќе има целовечерен концерт со изворен вокално-инструментален репертоар, по повод свеченото отворање на јубилејниот 50. фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ – Долнени. Секако, и годинашната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“ нема да помине без „Танец“, каде што ансамблот на 13 и 14 јули ексклузивно ќе ги изведе ората „тешкото“, „невестинско“ и „манукот“, а на 2 август, како и досега, и оваа полусезона ќе ја заврши со традиционалните концертни настапи во Крушево и Пелинце, по повод големиот македонски празник Илинден. На 25 јули, повторно традиционално, ќе има голем концерт спроти меѓународниот фолклорен фестивал „Илинденски денови“ каде што ќе настапи целиот ансамбл со богата кореографска и вокално-инструментална програма.
– Основан во март 1949 година во Скопје, ансамблот „Танец“ веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура и, недвосмислено, еден од главните темели на македонската државност. Формиран со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти и, преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претставува највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ, тој денес е една од најблескавите страници на македонската културна историја – велат од ансамблот.
Благодарение на сите генерации што ја градеа и реализираа јасно поставената програмска дејност на основачите, ансамблот низ годините растеше, се развиваше и прерасна во институција за почит.


– Секогаш цврсто поддржувајќи ги своите основни вредности, од своите скромни почетоци до денес, ансамблот постојано еволуираше и се издигна на нивото на симбол на уметничка извонредност, прикажувајќи го уникатниот живописен мозаик на нашиот културен раскош пред публиката низ светот. Додека ја одбележуваме оваа значајна отсечка во времето, ги имаме на ум целокупната седум и полдецениска посветеност и страст на сите генерации извонредни игроорци, песнопојци, свирачи што оставиле драгоцен дел од својот живот во „Танец“. Нивната непоколеблива заложба за зачувување и промовирање на македонските народни традиции не само што го збогати македонскиот културен пејзаж туку послужи и како транскултурен и сеопшт катализатор за дијалог и единство во глобални рамки – велат од ансамблот.
Јубилејната концертна сезона продолжува веќе во септември, со балканската турнеја на проектот „Фолклорно-класична симбиоза“, по која ќе следуваат ноемврискиот галаконцерт по повод централното одбележување на 75-годишнината на НУ „Танец“ и, секако, традиционалниот новогодишен концерт кон крајот на декември. В.Д.