Ансамблот на претставата „Народен пратеник“ на Македонскиот народен театар беше изведена во Народно позориште – Белград и уште еднаш потврди дека театарската уметност живее во својата најчиста форма – преку искрена емоција, прецизна актерска игра и моќна режисерска визија. Со фасцинантна изведба, која им го задржа вниманието на гледачите од првата до последната сцена, актерите успеаја да доловат и хумор и критика, и човечка слабост и општествени противречности.
Публиката возврати со долгостоечки аплауз, знак не само на благодарност туку и на восхит пред она што се одигра на сцената – исклучително изведена претстава, која зборува и за денешницата.
„Народен пратеник“ не е само театар туку и огледало на општеството, а вечерта во Народно позориште беше потврда дека сцената сè уште има моќ да инспирира, да критикува и да повика на размислување.
Точно 129 години по праизведбата на „Народен пратеник“ и 101 година од неговото прво печатено издание, „Народен пратеник“ на Македонскиот народен театар играше во Народно позориште – Белград. Оваа прва комедија на Бранислав Нушиќ, во изведба на моќна актерска екипа и режисерски конципирана од страна на Егон Савин, по впечатливата и одлично забележана изведба на реномираниот фестивал и добиената специјална награда за колективна актерска игра од „Стериино позорје“ играше на сцената „Раша Плаовиќ“. Силните впечатоци и импресиите што ги сподели новосадската публика и критиката за двете изведби се патоказ и очекување тоа да се доживее и по оваа изведба.