Марија Костадиновска, писателка
Марија Костадиновска е релативно ново име во македонската литература за деца. Пред една година таа го издаде своето првенче, книгата „Вистинска приказна за двете соседни кралства“, која од лани се анализира и обработува на Филолошкиот факултет, по предметот Книжевност за деца. Неодамна излезе од печат и нејзиното најново прозно дело, „Волшебните прегратки“. И двете книги за деца ќе бидат промовирани денеска, во 18.30 часот, во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“. Промоторка на книгите ќе биде Весна Мојсова-Чепишевска.
Дали овие две дела, кои се родија во изминатите две пандемиски години, со својата ведрина и оптимизам ви помогнаа да ги пребродите овој сив период?
Двете книги се родија летото пред пандемијата. Ги напишав на Сардинија, буквално во еден здив и порив. А во пандемиските години работев на структурата на приказните и уредување на текстот. Потоа следуваше и договарањето за илустрациите. Така што, во сето сивило на пандемијата, се обидов за момент да избегам од реалноста и да се нурнам во магичниот и шарен детски свет. Со сето тоа си внесов еден духовен мир, обвиен со ведрина и креативен оптимизам.
Насловот „Волшебните прегратки“ асоцира на тоа дека блискоста и емпатијата се учат од најмала возраст. Дали такви поучни случки има сѐ помалку во реалниот живот?
За жал, така е. Сведоци сме на секојдневие што се повторува и отсликува секој ден, а не знаеме до каде ќе оди. Се среќавав со ситуации кога родители се во константна трка со времето по цена на среќата на сопствените деца, запоставување на вистинските вредности во животот и скапоценото време поминато со нив. Преку мојата книга потсетувам на важноста на обичните нешта што се бесценети и бесплатни. Децата се како сунѓер, впиваат сѐ, тие немаат реална перцепција за „исправните и искривените вредности“ во животот. Едноставно копираат и скенираат од своите родители. Затоа иако оваа книга е наменета за деца, носи длабоки пораки и за нивните родители.
Кога ќе се вратите во детството, во чии прегратки се чувствувавте најубаво и најсигурно?
Ова е едно од најубавите прашања што ми ги поставиле досега. Детството е најмагичниот и најскапоцениот период од животот. А секое убаво детство резултира и кон понатамошен здрав и среќен живот на човекот. Јас сум пресреќна што сум имала многу волшебни прегратки. Едни од најтоплите биле од моите баба и дедо, моите родители и брат ми. Дури и кога говорам за нив ме обзема топлина, а навраќањето магично ми го грее срцето.
Дали додека пишувате пловите мирно по морето на фантазијата (ваше хоби е едриличарството) или решавате ненадејни заплети и расплети?
Како и сите пловидби, така и оваа со пишувањето за деца започна многу мирно, сончево и со благ ветер по морето на фантазијата. Но со текот на креирањето на приказните и развивањето на сижето, брановите фантазија почнаа силно да заплискуваат. Потребно беше да издоминирам над сите тие бури од заплети. Така што се најдов во ситуација да ги земам кормилото и едрата во мои раце, за да не ме „исфрли самата приказна“ во сосема нови хоризонти и правци.
На која книга од детството со задоволство се навраќате и денес?
– Чинам, никогаш не престанав да сакам да читам книги за деца. Една од моите животни филозофии е испишана на безвремените страници од „Малиот принц“.
Книгата ја красат прекрасни илустрации. Колку е важно оживувањето на ликовите на вистински начин?
Ликовите уште од самиот почеток на креирањето на приказните ги имам замислено. За мене тие се вистински и постојат. Со развивањето и задлабочувањето во приказната, тие сѐ повеќе и повеќе добиваат карактерни особини, емотивно растат и созреваат. На моменти ги нарекувам по име, како да се вистински деца. Така што, илустрирање на ликовите поинаку од тоа како сум ги замислила ја губи сликата за „моите деца“ и се некои други, непознати за мене. Имам неизмерна среќа што соработувам со професионалци и фантастични илустраторки што ги оживеаја моите приказни и ликови токму онака како што си ги замислив.
Дали млади автори во македонската литература за деца ќе донесат свеж ветер?
Во литературата за деца кај нас постоеше еден мал застој, но, за среќа, се покажа дека е краток период. Сега, чинам, постои еден бран на свежина на нови автори за деца. Издавачките куќи се исто така отворени кон поттикнување и поддржување на тие автори, а така расте и самата мотивација. Но, пред сѐ, најважно е да ги поттикнеме децата повеќе да читаат и да се стремиме кон развивање и хранење на нивната имагинација и фантазија, а тоа, знаеме, најдобро се прави преку книгите. Ние ќе пишуваме, тие нека читаат.