Во 2020 година, по повод сто години од творештвото на Кристи, „Арс ламина“ објави едиција со 12 најзначајни нејзини детективско-криминалистички дела. Книгите се поделени во два колекционерски сета
Инспирирано од детективските романи на легендарната писателка Агата Кристи, во „Литература суперстор“ се одржа тематската книжевна дружба во рамките на „Денови на литературата“, на која во стилот на ерата беше претставена колекционерската едиција со најпознатите дела од Кристи, кои се во издание на „Арс ламина – публикации“.
Во 2020 година, по повод сто години од творештвото на Кристи, „Арс ламина“ објави едиција со 12 најзначајни нејзини детективско-криминалистички дела. Книгите се поделени во два колекционерски сета. Во првиот се: „Мистериозниот случај во Стајлс“, „Убиството на Роџер Акројд“, „Лорд Еџвер е мртов“, „Убиство во Ориент експрес“, „Смрт на Нил“ и „Зло под сонцето“, а во вториот: „По погребот“, „Завеса: последниот случај на Поаро“, „Мртво тело во библиотеката“, „Во 16.50 часот од станицата Падингтон“, „И не остана ниту еден“ и „Златната топка и други раскази“. Уредничка на едицијата е Надица Фирфова, која се обрати пред присутните на настанот и објасни дека изборот на насловите е направен внимателно, за да се покрие поголем хронолошки опсег со оние изданија што се сметаат за најпопуларни и највредни од книжевен аспект. Во изборот доминираат наслови каде што главна личност е белгискиот детектив Херкул Поаро.
Во својата 56-годишна кариера Кристи има создадено над осумдесет детективски романи и збирки раскази, како и деветнаесет сценски дела под презимето на нејзиниот прв маж, полковникот Арчибалд Кристи. А под псевдонимот Мери Вестмакот има објавено шест љубовни новели. Огромната популарност на делата на Агата Кристи е забележана и во Гинисовата книга на рекорди како најпродаван и најпреведуван автор на сите времиња. Денес, повеќе од еден век од почетокот на нејзиното творештво, сè уште постои огромен интерес за нејзините дела и се создаваат нови генерации нејзини посветени читатели. Агата Кристи фасцинира со својата проникливост и способност да раскажува мистерии. Всушност, и нејзиниот живот бил мистерија. Сѐ уште е неразјаснето нејзиното неколкудневно исчезнување, по разделбата со својот прв сопруг, кога ѝ се губи секаква трага… Но потоа се враќа и продолжува со животот. Притоа, никогаш не објаснила што ѝ се случило. Затоа, според многумина, книжевна мистерија од Агата Кристи што најмногу ќе ве обземе е всушност нејзината сопствена автобиографија, која исто така е објавена на македонски јазик во издание на „Арс ламина – публикации“.
Третото издание на „Денови на литературата“ се одржува од 2 до 16 февруари, во сите книжарници на „Литература.мк“.