Доделени наградите на „Синедејс“ – фестивалот на европски филм

Со многу неизвесност и очекување, пред полна сала, а меѓу публиката и дел од директните учесници на наградените филмови, се доделија наградите на 24. „Синедејс“ – фестивал на европски филм.
– Нашата одлука не беше лесна и би сакал да ја изразам нашата благодарност до сите неверојатни филмски режисери чии дела имавме чест да ги гледаме. Секој филм носи силен авторски глас и се занимава со локални теми, давајќи им универзална димензија, отворајќи го нашиот регион за поширока публика. Заедно, тие се осврнуваат на безвременски прашања како што се слободата, полнолетството, борбата за егзистенција и правото на слободно говорење и избор – изјави Арсен Оремовиќ во име на двете жири-комисии што имаа задача да ги оценуваат филмовите во СЕЕ и во официјалната конкуренција.
Добитници во официјалната конкуренција:
Награда за најдобар филм: „Југо Флорида“ – Владимир Тагиќ
„Југо Флорида“ е реалистичен филм, кој тивко бара зрно надеж во сивиот секојдневен живот. Тој гради свет што понекогаш се чини дека постои на границата помеѓу сонот и реалноста – без потреба да ги раздвојува двата – оставајќи суптилна трага од апсурден хумор низ целиот филм. Оваа фино избалансирана двосмисленост, во комбинација со ненаметнат реализам, му дава на филмот сила и автентичност.
Награда за најдобро сценарио: „Вена“ – Кјара Флајшхакер
Сценариото за „Вена“ нуди интимен и емпатичен приказ на патот на една млада жена кон мајчинството, градејќи силно чувство на блискост со хероината без да се лизне во сентименталност. Внатрешната борба помеѓу мајчинството и зависноста е обликувана со јасност, вистинитост и болка. Неговите природни и економични дијалози носат голем дел од емоционалната тежина и ја потврдуваат силата на сценариото.
Награда за најдобра режија: „Проблематични девојки“ – Уршка Џукиќ
Режијата – особено во однос на кадрирањето и монтажата – го конструира светот на младата хероина преку економични, но јасно промислени, доследни и прецизни избори. Филмот го следи будењето на нејзината сексуалност во контекст на строго мајчинско воспитување и црковна средина. Неговиот изразен поетски пристап, кој се граничи со експерименталното, создава впечаток на мистерија и елеганција.
Андрија Кузмановиќ за неговата извонредна изведба во „Југо Флорида“ е добитник на специјално признание.
Наградени во СЕЕ-конкуренција:
Наградата Златно сонце за најдобар филм во селекцијата на СЕЕ им е доделена на два филма – „Ера“ на Петра Келменди и „Оче наш“ на Горан Станковиќ.
Во образложението се наведува дека „Ера“ зборува за украдената младина на почетокот на војната во Косово, тема што ретко се обработува, иако во текот на 1990-тите години доживеавме многу настани од ваков вид, период на растечка тензија и човечка пропаст. Ретко претставена во регионалната кинематографија, ова е доста предизвикувачка задача за режисер дебитант. Со минималистички дијалог и прецизен режисерски пристап, таа отвора и одговара на многу дилеми.

„Оче наш“ ги поместува границите на балканскиот филм со тоа што регионалната кинематографија ја поставува на следно ниво. Од Дантеовиот почеток до целосно развиените ликови, филмот ја одразува зрелоста на Станковиќ како режисер. Симболите во неговиот режисерски пристап се добро интегрирани и никогаш не се преклопуваат со флертување со стереотипи. Тој ги доведува во прашање авторитетот и дисфункцијата на системот што им овозможува на поединците да ја злоупотребуваат ранливоста на оние на кои им е потребна помош. Станковиќ храбро нè води до самиот крај, никогаш не напуштајќи ја својата симболика сè до последната сцена. Филмот на крајот прашува колку вреди една личност во таков систем и дали преживувањето е поврзано со припадноста на група од иста ориентација.
Специјално признание од жирито го доби филмот „Месо“ од Димитрис Накос, кој е храбро патување во едно грчко село и менталитетот на една мала средина лесно обликувана од лажни проценки, погрешни толкувања и брутален воајеризам. Тоа е длабока драма со сложени ликови, кои режисерот ги води низ приказната со голема вештина.
За добитниците на наградите од официјалната конкуренција одлучуваше жири-комисијата во состав: Сара Климовска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска, и Алеш Павлин – режисер, Словенија. За филмовите во СЕЕ-конкуренцијата тричлената комисија беше во состав: Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија, и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора.
Во осум фестивалски дена, „Синедејс“ прикажа повеќе од 50 европски наслови, две концертни вечери и над 3.000 присутна публика. Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм, потоа од Град Скопје, програмата „Лајвјуроп“ за музичкиот дел, како и програмата „Јуропиан филм фестивалс“, поддржана од „Креативна Европа“.