Книжевната награда „Караманов 2025“ за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори коишто пишуваат на македонски јазик ја доби поетскиот ракопис со наслов „Камен во водата“ од поетот Тихомир Јанчовски, а интернационалната истоимена награда ѝ е доделена на бугарската поетеса Роза Бојанова за нејзината книга „Калемење на рајското јаболко“, соопштија од Центарот за култура „Ацо Караманов“ од Радовиш.
Во образложението за наградите од жири-комисијата, во состав проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска, претседател и Борче Панов и Славчо Атанасов, членови, се наведува дека на конкурсот за наградата „Караманов 2025“ за необјавени поетски ракописи се јавиле 25 поети.
– Од селектираните три најдобри поетски ракописи во најтесен избор влегоа „Камен во водата“ од Тихомир Јанчовски ,„Зар заборави дека чудо си“ од Виолета Танчева и „Криенки во зборосенки“ од Владо Јаневски. Жири-комисијата му даде предност на поетскиот ракопис „Камен во водата“ од Тихомир Јанчовски. Поетскиот ракопис „Камен во водата“ се наметна со својот едноставен поетски израз кој на еден директен и искрен начин ослободен од патетика и лажна референцијалност ја открива топлата човечка димензија и кога човекот е во постојана паника во ова отчовечено време во кое живееме – стои во образложението.
Селекторите Борче Панов и Даниела Андоновска-Трајковска за доделувањa на интернационалната книжевната награда „Ацо Караманов 2025“ меѓу пристигнати поетски избори од 20 поети од светот, овогодинашната награда ѝ ја доделија на бугарската поетеса Роза Бојанова за нејзината книга „Калемење на рајското јаболко“.
Во образложението се наведува дека поезијата на Роза Бојанова е како питата на баба ѝ со која таа ја обиколувала нивата пред да ја раскрши, а со питата на својата поезија Бојанова ни јa доближува смислата на живеачката, внимавајќи со секој стих од оваа книга да има по едно парче за секој кој сака да се залеби од нивата на поезијата. Во истоимената песна од наградената книга, Бојанова ни ја открива одисејата на својот живот преку прекрасна приказна за љубениот кој соочен со тежините на животот почнал да калеми киселачки јаболки од кои се добивало оцет во бабините времиња. Сите стихови на Бојанова се како калеми на едно рајско јаболко коешто нѐ потсетува дека човекот не треба да ја заборави својата изворна суштина.




































