Заврши 23. интернационален фестивал „Актерот на Европа“

Со доделувањето на наградите заврши 23. интернационален фестивал „Актерот на Европа 2025“. Завршната вечер ја обележа и изведбата на претставата „Јелена Савојска“, работена по текст на Марија Сарап, во режија на Зоран Ракочевиќ, со актерката Јелена Ѓукиќ од Црна Гора, која наедно ги понесе наградите за најдобра претстава и за најдобар драмски текст.
Според одлуката на жирито во состав: Гоце Ристовски, претседател, Трајче Кацаров и Елена Трајковска, членови, наградата „Актер на Европа“ за годишно остварување му беше доделена на македонскиот актер Здравко Стојмиров, за неговата изведба на претставата „Фетишист“, по текст на францускиот писател Мишел Турние, во продукција на Народниот театар – Битола.
Наградата на публиката ја понесе претставата „Нушиќ лично“, по текст и режија на Миодраг Илиќ, во продукција на Народниот театар на Тимочка Краина „Зоран Радмиловиќ“ од Заечар и фондацијата „Нушиќ“ од Белград, Србија.
Наградата „Жак Лакариер“ ѝ припадна на претставата „Lebensraum – Експеримент во добрина“, работена по текст на Танасис Триаридис, во режија на Јанис Димакас, од театарот „Теато Парамитиас Теспортиас“, од Грција.
Наградата „Млада Европа“ им припадна на Стефан Ѓорчев и Антониј Ѓоргиев Илиоски за улогите во претставата „Сега му е мајката“, работена по текст на Горан Стефановски, во режија на Владо Денчов и во продукција на „Алтернативен театар Пробатон“, Свети Николе.
Наградата за животно дело „Актер на Европа“ му беше врачена на отворањето на фестивалот на легендарниот германски актер и режисер Брајан Мајклс.
– Оваа ноќ во Преспа, на 6 јули 2025 година, по 23. пат прогласуваме „Актер на Европа“, докажувајќи дека индивидуалната драма и судбина се во основата на европската цивилизација низ мислата на Шарл Бодлер дека „Сѐ почнува од еден сѐ завршува во еден“. Вечерва германската драматургија и театар со името на Брајан Мајклс го доживуваат своето крунисување бидејќи иронијата на судбината сакаше голем број германски автори и режисери да продефилираат на нашиот фестивал, а за првпат едно големо име да биде прогласено за „Актер на Европа“! Драги Брајан Мајклс, ние на овој фестивал, што те чувствуваме како наш брат по сите легенди на театарската историја како што се, Марсел Бозоне од Комеди Франсез, Марија до Сеу Гера од Барака театарот од Лисабон, Есењи Енико од Будимпешта, Ива Јанжурова од Прага, Брус Мејерс, митскиот актер на Питер Брук, кој овде во Преспа го играше „Големиот инквизитор“ од Достоевски, бесмртниот актер од Белград Љуба Тадиќ, кој беше прв носител на ова признание и токму на „Актерот на Европа“ ја одигра 2.000-та претстава на „Сократовата одбрана и смртта“ и уште цела плејада актери од сите европски метрополи – стои во беседата.
Добитниците на наградата „Клучевите на Преспа“ оваа година се еминентниот британски професор на „Оксфорд“, Џемс Петифер, автор на „Езерата и империите во македонската историја“, и Никола Јанкуловски, светски признаен експерт во медицината и поранешен ректор на УКИМ. Наградата големата повелба „Балканот – Срцето на Европа“ постхумно му беше доделена и на албанскиот писател со светско реноме и поддржувач на фестивалот од неговото основање, Исмаил Кадаре. Другите годинашни добитници на оваа награда се: Танасис Триаридис од Грција, Саша Драгиќ од Србија и проф. Љубомир Кекеновски од Македонија.